Српските студенти во вторникот околу 23 часот го блокираа влезот на зградата на Радио-телевизија Србија (РТС), незадоволни од известувањето на јавниот сервис за нивните протести кои траат повеќе од три месеци. Пред главниот влез, обезбедувањето направило човечки ѕид и не им дозволува на вработените да влезат во зградата, но секој што сака може да излезе.
Ваквиот нивен потег дојде одеднаш, објавен на социјалните мрежи непосредно пред да започне, при што студентите порачаа дека блокадата ќе трае 22 часа и ги повикаа граѓаните да им дадат поддршка.
Во меѓувреме, многу белграѓани им се придружија на студентите, а полицијата го затворила сообраќајот на две улици околу РТС.
Недолго потоа, возила на српската Жандармерија се појавила на улицата Таковска, каде што се наоѓа зградата на телевизијата.
„N1 Србија“ известува дека до дошло до судир со полицијата откако студентите се обиделе да постават заштитни бариери на влезот во зградата.
„При пристигнувањето за задача да влезат во зградата на РТС, за да влезат во зградата, Жандармеријата била попречена и нападната, а во таа прилика е повреден еден припадник на Жандармеријата кој поради повреда на окото е пренесен во Ургентниот центар. По влегувањето на Жандармеријата во зградата на РТС немало никакви конфликти и интервенции“, соопшти српската полиција.
Во знак на солидарност со своите колеги од Белград, студентите од Универзитетот во Нови Сад се собрале околу полноќ за да ја блокираат Радио Телевизија Војводина.
Бранот протести во Србија беше предизвикан од смртта на 15 лица при уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година, а по нападот врз студентите кои им оддаваа почит на жртвите на протестот, блокирани беа повеќе од 60 факултети на сите четири државни универзитети.
Покрај секојдневните комеморации со 15-минутен молк низ Србија, неколку масовни протести се одржани во Нови Сад, Белград, Крагуевац и Ниш, а најавен е голем протест за 15 март во Белград.