📷 Вучиќ и други лидери пристигнаа во Москва, Украина предупредува: „Поддршка за држава агресор“

од Марта Пешевска
214 прегледи

Дел од светските лидери кои одговорија на поканата на рускиот претседател Владимир Путин да присуствуваат на прославата по повод Денот на победата, пристигнаа во Москва во средата, и покрај обидите на Западот да го изолира рускиот лидер и предупредувањата од Украина. Украинските власти истакнаа дека учеството на странски лидери на настанот ќе се смета како „поддршка за држава агресор“.

Меѓу првите кои пристигнаа е српскиот претседател Александар Вучиќ, кој последен пат бил во Москва пред почетокот на руската офанзива врз Украина во февруари 2022 година. Вучиќ слета во руската престолнина преку аеродромот во Баку.

„По толку години, повторно во Москва“, напиша тој на „Инстаграм“, најавувајќи и средба со рускиот претседател. Тој додаде дека е „горд на антифашистичката борба на српскиот народ и благодарен за огромната помош од Црвената армија за време на ослободувањето на Србија“. Европската Унија, каде Србија е кандидат за членство од 2012 година, го предупредува Вучиќ да не го интензивира сојузништвото со Москва, но Белград сè уште води политика на балансирање помеѓу Брисел и Кремљ.

Путин и Вучиќ се очекува да одржат билатерална средба во петок, по воената парада на Црвениот плоштад, со која Русија го одбележува поразот на нацистичка Германија во Втората светска војна. Во Москва во средата пристигнаа и кинескиот претседател Си Џинпинг и бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, кои исто така ќе имаат средби со Путин.

Кремљ објави дека Си и Путин ќе усвојат две заеднички декларации, една за билатералните односи, а друга за „светската стратешка стабилност“. Состанокот меѓу двајцата лидери, планиран за четврток, ќе опфати теми како изградбата на вториот гасовод од Русија до Кина, војната во Украина, како и руско-американските преговори за безбедност. На парадата во петок се очекува присуство на лидери од околу 25 земји, претежно традиционални сојузници на Русија.

Индискиот премиер Нарендра Моди, кој првично беше најавен, сепак нема да присуствува поради зголемени тензии со Пакистан. Своето присуство го потврди и лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, а и покрај предупредувањата од Брисел, во Москва се очекува да пристигне и словачкиот премиер Роберт Фицо.

 

Слични содржини