📸 Масовно труење на мачки и домашно куче во скопско Козле, полицијата не реагира, трујачите не престануваат

од Илинка Илиоска
552 прегледи

Загрижени граѓани од скопската населба Козле алармираат дека во населбата некој од жителите масовно отрул повеќе од 10 мачки, а жртва на труење е и 5 годишно куче од расата белгиска малионоа кое било домашен миленик.

За труењето, активисктата Сузана Миленкоска која со години од свои пари ги стерилизира и кастрира уличните мачки има и потврда од ветеринар во која докторот констатирал труење со отров на 3 мачки.

“На 29.03 исчезна првата стерилизирана мачка за која се грижам векје 12 години. Ај, си реков стара е. После два дена се појавија уште три мачки во напуштен двор, легнати, отруени. Во тој момент ми стана јасно што се случува. Тоа беше на 02.04. Пробав да ги фатам да им помогнам меѓутоа бегаа. Едната почна да се тетерави, да се превртува. Една од нив дојде сама кај мене за помош, ја однесов на ветеринар во Капиштец меѓутоа умре вечерта после терапијата. Тоа беше на 08.04. Следно, исчезнаа уште две мачки. Едната ми падна пред нозе барајки помош на 16.04. И неа ја однесов на ветеринар. Морав да потпишам еутаназија за 4 години стара стерилизирана мачка. Не можам да ви го опишам ужасот кој го доживувам веќе секој ден. Секој ден закопувам по едно. Сите се отруени на улица Пијанец кај трафото. Едно заедничко им е дека сите што отидоа кај трафото се отруени“, изјави Миленкоска за Локално.

Таа случајот го пријавила и во општината и во Агнецијата за храна и ветеринарство, а и во полиција. Редакцијата на Локално има увид во пријавите.

Од Општина карпош за Локално изјавија дека надлежен испектор бил на локацијата, но во мометот кога е извршен увидот немало отров.

Полицијата не реагирала иако Миленкоска се сомнева на неколку лица од соседството.

“Бев во полиција, однесов документи, но ме откачија. Немало докази дека е некој, не можеле во двор да им влезат. Крвни деликти не постапува зошто мачките не се на мое име иако трујачот го крши законот и убива животни. Никому ништо, со сите документи и потврда од ветеринар го затворија случајот, а овој продолжува да труе. Отру уште три откако пријавив. Немоќна сум да им помогнам, продолжува да ги труе“, раскажа Миленкоска.

За хоророт да биде уште поголем, викендов во истата населба беше отруено и кучето Арон. Неговата сопственичка, се уште во шок, за Локално раскажа дека кучето умирало во страшни маки.

„Беше 3 наутро кога забележавме дека повраќа крв и салама. Ние го раниме исклучиво со храна за кучиња. Никогаш не му даваме салама. Во дворот уште има траги од крвта што ја повраќаше. немаше дежурен ветеринар за да дојде. Арон ми остана аманет од татко ми. Беше прекрасен чувар “, рече Благица Стојчевиќ.

Таа раскажа и дека ова не бил прв обид нејзиното малиноа да биде отруено. Пред неколку дена во дворот забележала фрлени виршли. А лани Арон , заради труење, се здобил со тешки последици.

„За ланското труење имаме и извештај од ветеринар. Тогаш Арон за среќа преживеа, но имаше доживотни последици. Добиваше епилептични напади како резултат на труењето“, рече Стојчевиќ.

Полицијата вчера не реагираше ни по нејзината пријава и не зеде мостри за токсиколошко испитување од крвавите траги во дворот каде што угина Арон. А, додека трујачот не е идентификуван, Стојчевиќ стравува за животот и на другите две миленичиња затоа што денес во нејзиниот двор нашла бел прав за кој се сомнева дека е отров.

Казните за сторено кривично дело „Мачење и убивање животни“ по член 233 од Кривичниот законик најчесто се движат од 20 до 30 дневни глоби или во износ помеѓу 200 и 300 евра во денарска противвредност. Во поретки случаи, сторителот е осуден со казна затвор од 3 месеци која нема да се изврши доколку не стори ново кривично дело во период од 1 година.

И.И.

Слични содржини