📽 ЕУ постигна договор за мигрантите, Левица и Зелените револтирани: „Ова е мрачен ден!“

од Stefanija Kuzmanovska

Европската унија постигна договор за „Пактот за миграција и азил“.

Преговарачите од Европскиот парламент и Советот утринава постигнаа политички договор.

Петте закони на ЕУ договорени од страна на шпанското претседателство и парламент се однесуваат на сите фази на управување со азил и миграција, почнувајќи од проверка на илегалните мигранти кога ќе пристигнат во ЕУ, земање биометриски податоци, процедури за поднесување и обработка на барањата за азил, правила и утврдување која е земја-членка одговорна за решавање на барањата за азил и соработка и солидарност меѓу земјите-членки за справување со кризни ситуации. Новите правила, откако ќе бидат усвоени, ќе го направат европскиот систем за азил поефикасен и ќе ја зголемат солидарноста меѓу земјите-членки со намалување на товарот на оние земји каде што пристигнуваат најмногу мигранти.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, рече дека овој пакт ќе обезбеди ефективен европски договор за овој предизвик.

„Ова значи дека Европејците ќе одлучуваат кој доаѓа во ЕУ и кој може да остане, а не криумчарите. Ова значи заштита на оние на кои им е потребна помош. Пактот, исто така, ќе обезбеди земјите-членки одговорно да ги споделат напорите и да ја спречат илегалната миграција во ЕУ“, истакна таа.

Левица: Мрачен ден за ЕУ
Групата на левицата во Европскиот парламент, реагирајќи на политичкиот договор за пактот на ЕУ за миграција и азил, објави дека ова е „мрачен ден за ЕУ“.

„Штотуку договорениот пакт за миграција и азил ја означува смрт на индивидуалното право на азил во Европа. Ова е најголемиот напад врз правата за азил и миграција од основањето на ЕУ“, наведоа оттаму.

Зелените сметаат дека договорот е нестабилен, зборувајќи за загриженоста за човековите права.

Групата на Зелените во Европскиот парламент смета дека денешниот договор ги зајакнува застарените идеи за тоа како да се справи со миграцијата и не ја зема предвид реалноста на границите на ЕУ, на копно и на море.

„Наместо да бараат хумани и практични решенија за уредно и безбедно управување со миграцијата, земјите-членки на ЕУ спроведуваат опасни политики кои го претвораат Медитеранот во гробишта“, додаваат Зелените.

Слични содржини