Тргнувањето во градинка е интересен и возбудлив, но знае да биде и стресен период, како за детето, така и за родителите. Градинката умее да биде учителка како ниедна друга и да го осамостои детето, со цел тоа да стекне поголема независност и самодоверба.
Моментот на социјализација со другарчињата е исто така од огромна важност, како и процесот на почитување и следење правила и авторитет.
Сепак, за некои дечиња, а и за родителите, адаптацијата може да биде страшна. Па, еве кои работи може да ги направите во периодот пред вашето малечко да појде во градинка:
Научете го детето да си ги врзува чевлите
Освен ако не носи чевли или патичиња со лепенки, навистина е многу важно вашето детенце да знае да си ги врзува врвките на обувките. На тој начин не мора да ја замолува учителката да го прави тоа наместо него, а и поставува одличен пример за другите дечиња. Ова е само еден мал пример за тоа како се гради самодовербата и независноста кај едно дете.
Важно е да знае добро да се закопча
Без разлика дали станува збор за копчиња или патенти добро е да ги имате извежбано овие работи пред да се тргне во градинка. Учителките навистина се тука за да им помогнат на дечињата на почетокот, но сепак научете го детето како да се закопча.
Научете го да го користи тоалетот
За дечињата над 18 месеци се подразбира дека веќе сте го отпочнале процесот за како да кажат дека им се оди во тоалет и истиот да го користат. Нормално, спакувајте алиштенца за секој случај во ранецот, бидејќи нормално е понекогаш да има некој непријатен момент поради кој малечкото ќе се засрами.
Важно е да му објасните дека не е крај на светот и дека секогаш треба да кажува навреме кога му се оди во тоалетот. Воедно, хигиенските навики се есенцијално важни.
Важно е да знае како да користи ножици
Специјалните ножици за дечиња не дозволуваат тие да се повредат или исечат, но го учат детето на нешто многу важно – трпение, самоконтрола, координација и развивање на малите мускули во рацете преку константното отварање и затварање при сечкањето.
Нека детето ја запамети адресата и телефонскиот број напамет
Пронајдете начин како вашето дете најлесно ќе го запамети вашиот телефонски број и адресата на која живеете. Едноставно – многу е важно да ги знае тие основни податоци. Не праќајте го детето во градинка без да си го знае сопственото презиме.
Научете го правилно да држи молив
Апсолутно не мора да го форсирате да знае да пишува или совршено да бои, доволно е само правилно да го држи моливот или фломастерот.
Важно е да знае како да јаде
Идеално би било да знае да се служи со виљушка и лажица, но голем успех е доколку внимава да не се извалка додека јаде, дури и да јаде со рачиња. Во секој случај треба да знае како правилно да ја насочува чашата за пиење или да пренесе мал послужавник без проблем.
Охрабрувајте го
Сите прават грешки, дури и возрасните. Наместо да го критикувате детето за секоја ситница, секогаш охрабрувајте го кога има добар повод за пофалба. На тој начин децата се порелаксирани и поентузијастички настроени, а воедно ќе се инспирираат да прават повеќе и подобро во градинка, додека самодовербата им расте.
Обрнете внимание на хигиената
Веќе споменавме во делот со одење во тоалетот, но научете го и на други мали, но важни нешта: да ја покрива устата додека се проѕева или кива, да не си го чепка носето пред другарчињата, да го брише кога му е мрсулаво, па макар и да знае да побара помош од учителката.
Хигиенските навики се учат од мали нозе, како и миењето запчиња и лице.
Не плачете додека не гo изгубите од видикот
Секако дека тргнувањето во градинка е емоционален момент, како за детето, така и за родителите. Сепак, не дозволувајте детето да почувствува одредена доза страв или анксиозност кај вас која ќе се рефлектира на него. Испратете го со насмевка и безгрижност и обидете се да ги задржите солзите од возбуда, барем додека не влезе во зградата.