Пет години по откритието на Едвард Сноуден за масовното прислушување, дело на американските и британските служби, тој се уште живее како бегалец во Русија, за него се правени документарци, филмови и се напишани барем десетина книги. Владите на Обединетото Кралство и САД беа принудени да ги променат своите закони. Интернет компаниите ја зајакнаа заштитата на корисниците.
„Луѓето велат дека ништо не се променило, дека уште има масовно следење. Но промената не се мери така. Потсетете се како беше пред 2013 година и видете што се случи оттогаш. Се е поинаку“, вели тој во телефонското интервју за „Гардијан“ по повод годишнината.
Најважната промена за него е дека луѓето веќе се свесни.
„Владата и корпоративниот сектор го искористија незнаењето на луѓето. Но сега веќе сме информирани. Сега сме на свесни. Немоќни сме да го сопреме тоа, но барем се обидуваме. Откритијата ја направија битката почесна“.
Но, според Сноуден, борбата допрва треба да започне.
„Владите и корпорациите веќе долго време се во оваа игра“, предупредува тој.
Сноуден избега од САД, откако во 2013 година откри тајни информации за шпионски операции на Вашингтон, особено за прислушување на странски лидери. Откако упати молби за азил до над 20 земји, вклучувајќи и до Русија, на 1 август 2014 година тој доби дозвола за престој во федерацијата и оттогаш се наоѓа на руска територија.
Минатата година неговиот адвокат изјави за „РИА Новости“ дека неговиот клиент ќе може да престојува во Русија до 2020 година, по што по закон ќе има можност да добие руско државјанство.
САД го обвинуваат Сноуден по два члена од Законот за шпионажа, од кои секој предвидува казна до 10 години затвор. Службеници од американската администрација повеќе пати изјавувале дека го сметаат Сноуден за предавник и немаат намера да ги повлечат обвинувањата, бидејќи тој нанел сериозни штети на националната безбедност.