Македонија пет години доцни со пописот

од desk2
367 прегледи

Република Македонија веќе пет години доцни со спроведување на попис, а тој не е политичка, туку статистичка операција и треба да се спроведе единствено на лица кои при извршувањето на пописот ќе се најдат на територијата на Македонија и не се повеќе од една година отсутни од државата, порачува Пјетер Евераерс, директор за меѓународна соработка на Евростат.

Според Евераерс, методологијата за спроведување на попис е определена од ОН и не смее да биде предмет на политичко пазарење и извртување на принципот и начинот на извршување, а со остварување на какви било други цели што немаат врска со една класична статистичка операција, бидејќи таквиот попис во иднина нема да биде признат од страна на Евростат, пишува МИА.

Во однос на тоа што Република Македонија не е во можност да спроведе попис на населението веќе 15 години и дали е тоа според стандардите на Евростат или 15 години е премногу долго, Евераерс вели дека нормално, попис на население и домување се врши на секои десет години. ­

„Статистичкиот оддел на Обединетите нации (УНСД) ги раководи светските програми за попис на населението и домувањето, а следната програма за попис се однесува на 2020 година. На сличен начин и врз основа на меѓународните препораки од УНСД, но и на Економската комисија на Обединетите нации за Европа (УНЕЦЕ), Евростат ја дефинира европската програма за попис и бара со регулатива од земјите ­членки на ЕУ да ги пријавуваат податоците за населението и домувањето на секои десет години“, вели тој.

Евераерс додава дека Евростат има стандардизирани правила за спроведување на пописот и негира дека пописот може да се спроведе според политички желби и договори во европските земји, а потоа само да биде признат од страна на Евростат. ­

Генерално, политичкото и статистичкото опкружување треба да бидат одвоени кога станува збор за методолошки прашања, а Државниот завод за статистика треба независно и врз основа на меѓународни препораки да утврди методологија за собирање на потребните податоци, односно за начинот како да се соберат податоците.

Според Евераерс, препораките на УНЕЦЕ и европските прописи ја дефинираат методологијата за пресметување на вообичаената жителска популација според местото на вообичаено живеење. ­

Како општо правило, вообичаената жителска популација е дефинирана како оние лица кои имаат место на вообичаено престојување во земјата во референтното време на живеење и живееле или имаат намера да живеат таму за период од најмалку 12 месеци. Ова ги вклучува и лицата што се сметаат за привремено отсутни, а што е дефинирано како „лица кои обично живеат на местото на попис на пописот, но отсуствуваат или се очекува да бидат отсутни во референтното време за периоди помали од 12 месеци“.