75 годишнина од основањето на НАТО: „Напад на еден сојузник е напад кон сите“

од Сенада Ибраимова
242 прегледи

Северноатлантската алијанса НАТО денес слави 75 години од основањето, а годишнината ќе биде одбележана со различни церемонии во седиштето во Брисел, вклучувајќи го и облекувањето на култната градска фонтана – скулптурата „Maneken Pis“ во костим на НАТО.

Министрите за надворешни работи на 32-те сојузници на НАТО, ќе се соберат два дена околу годишнината и иако ќе има многу оптимистички и свечени разговори за силата на Алијансата и за фактот дека овој министерски состанок ќе биде прв со Шведска како полноправна членка, на хоризонтот натежнуваат облаци, забележува Радио Слободна Европа.

Дводневниот состанок се одржува речиси точно три месеци пред клучниот самит на НАТО во Вашингтон во јули, кога лидерите на земјите-членки ќе се осврнат на истите прашања како и сега министрите – војната во Украина и како НАТО може да ја зголеми својата поддршка за Киев, перспективите на Украина да го следи примерот на Шведска во НАТО и како би можел да изгледа патот до таа цел.

Најважното прашање ќе биде кој треба да го замени генералниот секретар Јенс Столтенберг, кој се пензионира кон крајот на оваа година по една деценија на чело на Алијансата.

Министрите за надворешни работи оваа недела нема да донесат никакви одлуки за да се справат со кој било од овие предизвици, но се додека нивните шефови се соберат во Вашингтон на 9 и 11 јули, некои работи ќе треба да се решат.

На церемонијата во Брисел, американскиот државен секретар Ентони Блинкен и неговите колеги ќе ја одбележат годишнината од потпишувањето на основачкиот договор на Алијансата на 4 април 1949 година во Вашингтон.

Поголема прослава е планирана кога лидерите на НАТО ќе се сретнат во Вашингтон на 9-11 јули.

Шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром, учествува на првиот состанок на министерско ниво откако неговата земја стана 32-ра членка на НАТО минатиот месец.

Руската инвазија на Украина во февруари 2022 година ги принуди Шведска и нејзиниот нордиски сосед Финска, долго време неутрални земји, да бараат влез во Алијансата.

Бројот на членки на Северноатлантската алијанса е речиси тројно зголемен за повеќе од седум децении од нејзините 12 земји основачи. Финска и Шведска во рекордно време влегоа во колективната безбедносна гаранција на НАТО, по одредени кочења од стана на популистичките лидери во Турција и Унгарија, кои бараа надомест за одобрување на нивниот прием.

Во гаранцијата за колективна безбедност, член пет од Вашингтонскиот договор, кој беше испратен во Брисел на денешната церемонија, се вели дека нападот врз која било членка на Алијансата мора да има единствен одговор. На тој напис се прибегна само еднаш, по нападот на Ал Каеда врз Америка во 2001 година.

„НАТО е основан со едно официјално ветување дека нападот врз една земја е напад врз сите. Од таа основа го изградивме најмоќниот и најуспешен сојуз во историјата“, рече генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг во пресрет на годишнината.

Блинкен го опиша НАТО како „одбранбен сојуз без претензии кон територијата на која било друга земја, но со решеност да ја заштити територијата на секоја нејзина членка и да го направи тоа на начин кој е единствен во човечката историја“.

Како понов успех на НАТО, како што израсна од Студената војна и по падот на Берлинскиот ѕид, Алијансата сметаше на својата воздушна кампања во 1999 година против поранешна Југославија за да стави крај на „крвавата пресметка со Албанците“ и напорите да се спречи речиси сигурна граѓанска војна во Македонија во 2001. година, пишува агенцијата АП.

Од другата страна на спектарот е операцијата во Авганистан. НАТО ја презеде командата со безбедносната операција во 2003 година и таа стана најдолгата и најскапата операција во историјата на Алијансата. Тоа е обележано и со хаотичното повлекување во август 2021 година, кога многу од успесите постигнати во речиси две децении се напуштени.

Денеска и Украина сака место во НАТО, но Алијансата работи на основа на едногласност и нема консензус дали треба да стане членка. Повеќето сојузници се против Украина да стане членка додека трае војната. Засега НАТО ветува само дека вратата е отворена за Украина во иднина.

Рускиот претседател Владимир Путин рече дека ја започнал војната, барем делумно, затоа што НАТО се шири поблиску до границите на Русија.

Сојузниците на НАТО, исто така, не можат да се договорат дали да ја вооружат Украина. Како организација, Алијансата обезбедува само несмртоносна помош, како што се транспортни возила, гориво, храна за армијата, медицинска опрема и опрема за деминирање. Сепак, многу членови испраќаат оружје и муниција билатерално, или во групи.

Најголемиот дел од напорите на НАТО, откако руските трупи почнаа да се собираат за инвазијата се фокусираа на зајакнување на сопствените граници во близина на Русија и Украина, за да го одвратат Путин да направи следна цел да биде еден од сојузниците.

Членот пет можеби го имаше најтешкиот тест додека Доналд Трамп беше претседател на САД, земјата која е убедливо најмоќната членка. Трамп ја навести можноста дека САД нема да му помогнат на кој било сојузник во НАТО кој не издвоил најмалку два отсто од својот БДП за своја одбрана, како што беше договорено во 2014 година.

 

Слични содржини