Програмата на МОТ за 24. 09.2018 година (понеделник) фестивалот продолжува на сцените на Младински културен центар и во Македонска филхармонија.

Со почеток од 18 часот ќе можете да ја проследите претставата „Чудна шума“ на малата сцена во Македонска филхармонија. Публиката ќе има можност да го види работниот процес на студентите при ФМУ, преку делото на Искра Шукарова, насловено „Чудна шума“, како дел од работниот процес и соработката со кореографката Урсула Еагли од Њујорк, која во април оваа година работеше со студентите и настапи заедно со нив во истиот проект. Идејата на современиот танцов перформанс „Чудна шума“ е да ја воспостави нишката на структурираното општествено живеење пренесувајќи ја публиката низ суспендираните магични базени од сластни танци.
Втората претстава за вечерта која ќе започне во 20 часот во Денсинг сала е „Бележник“ во продукција на унгарската Форте Компани. Разурнувачката војна во Европа наведува една мајка да ги остави своите деца кај својата баба, која наликува на вештерка од народните приказни. Осамените, гладни и премрзнати деца учат како да се снајдат сами и пишуваат дневник во еден бележник. Преживуваат со закоравени срца и зајакнати тела. „Бележник“ е во режија на Чаба Хорват, а автор Агота Кристов.

Вечерта ќе се затвори на сцената во кино Фросина во 22 часот со премиера на домашната независна театарска група Артопија со „Д шииит“ во режија на Ирем Ајдим. Во перформансот базиран на концептот на „граници“ сведочиме на испитувањето на актерите како конструираат и ја деконструираат поделбата на време и место и нивните сценски идентитети, преку постојана трансформација на нивните тела меѓу субјект и објект, каде што линијата меѓу лични и универзални граници станува сè подвосмислена. Во претставата играат: Симона Спировска Костовска, Наташа Петровиќ, Бојан Кирковски и Ненад Митевски.
Во склоп на придружната програма по претставите следува Диџеј сет на Чудо.