Сè почесто во полициските билтени на МВР се среќаваат случаи на финансиски измами на повозрасни лица.
Покрај случајот со лажниот доктор кој барал пари за итна операција и на тој начин успеал да „извлече“ 1.300.000 денари од скопјанка, МВР во истиот ден информира за уште еден случај на финансиска измама со телефонски повик.
Како што соопштуваат од МВР, вчера (17.07.2025) во 11.00 часот во СВР Скопје, 80-годишна жена од Скопје пријавила дека претходниот ден била измамена од едно машко лице за сума од околу 900 евра.
„Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски, се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзината внука предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила дете, кое починало и доколку не сака таа да лежи во затвор, требало да плати. Како што е пријавено, таа парите ги фрлила преку тераса, како што претходно и кажало лицето, а подоцна сфатила дека била измамена“ – информираат од МВР.
Полицијата, по пријавата, презема мерки за расчистување на случајот.