Како коронавирусот влијаеше на патиштата на шверц на дрога: Од земја и воздух, се преселија на море

од Nikola Popovski
106 прегледи

Мерките за спречување на ширењето на пандемијата од коронавирус, вклучително и ограничувања на слободата на движење, значително влијаат на претходните патишта за трговија со дрога, според Кабинетот на ООН за борба против наркотици и криминал (УНОДЦ).

Во изјавата на организацијата на ООН, со седиште во Виена, се вели дека бројни ланци на шверц биле прекинати и дека трговците бараат нови алтернативни патишта, така што имало премин кон морските и речните патишта.

Синтетичките дроги, како што е метамфетаминот, обично почесто се транспортираат преку воздух, но ограничениот воздушен сообраќај драстично влијае на транспортот на оваа нелегална супстанција, се вели во извештајот на УНОДЦ.

Повеќето од кокаинот се шверцува преку море, па дури и за време на пандемијата, поголеми испораки биле пронајдени во европските пристаништа.

Досега хероинот бил шверцуван првенствено преку копно, а сега се користи морската рута сè повеќе, посочува УНОДЦ, додавајќи дека претходните заплени укажуваат на тоа.

Канабисот, според експертите на УНОДЦ, е помалку засегнат, бидејќи производството честопати е близу до корисниците.

Неколку земји ширум светот веќе објавија „недостиг“ на дрога, што според УНОДЦ може да доведе до намалување на потрошувачката, првенствено, на лесни дроги.

Сепак, кај хероинот е опасност да почне да се произведува локално, а корисниците на оваа дрога би можеле да се префрлат на фентанил.

УНОДЦ исто така изјавува дека корисниците сè повеќе користат фармацевтски производи, како што е бензодијацепин, за што се забележани зголемувања на цените.

Поради недостаток, постои и опасност од ширење на ХИВ, хепатитис или КОВИД 19 преку меѓусебна употреба на истата игла.

УНОДЦ забележа намалување на опијатите оваа година. Жетвата на афион само што почнува во Авганистан, а ограничувањата на слободата на движење може да доведат до недостиг на работна сила. Ограничувања за производство на кокаин се забележани и во Колумбија, се вели во извештајот на УНОДЦ.