Цените на храната на светскиот пазар паѓаат веќе трет месец по ред во април, бидејќи економските и логистичките ефекти од пандемијата КОВИД-19 резултираа со значително намалување на побарувачката за многу производи, објави Организацијата за храна и земјоделство на ООН (ФАО).
Индекс на цените на храната на ФАО, кој следи месечни промени во корпата на производи, во која има шеќер, млеко и млечни производи, месо, масло и житарки, во април во просек изнесуваше 165,5 поени, што е намалување за 3,4 проценти во однос на март и три проценти пониско отколку во април 2019 година.
Цените на шеќерот се спуштија на 13-годишно ниво, „тонејќи“ за 14,6 проценти од март, кога нивниот месечен пад беше уште поголем, се вели во соопштението на ФАО.
Падот на меѓународните цени на суровата нафта ја намали побарувачката за шеќерна трска која се користи за производство на етанол, така што производителите се префрлија на рафинирано производство на шеќер, што влијаеше на растот на достапните количини за извоз. Притисокот за намалување на побарувачката, исто така, се засили со карантинските мерки воведени во повеќето земји со цел сузбивање на пандемијата.
Цените на растителното масло во април паднаа за 5,2 проценти, водени од паѓање на вредностите на маслото од палма и соја, како и маслото од репка. Ова, исто така, се должи на намалената побарувачка за биогорива, како и на намалената побарувачка од прехранбениот сектор со повисоко од очекуваното производство на палмово масло во Малезија и производство на соја во САД.
Млечните производи паднаа за 3,6 проценти минатиот месец, а кај цените на путерот и млеко во прав падот е двоцифрен, како резултат на зголемувањето на залихите, слабата побарувачка за увоз и намалениот промет на рестораните во северната хемисфера.
Цените на месото се намалија за 2,7 проценти во април, бидејќи делумно закрепнување на побарувачката за увоз од Кина не беше доволно за да се компензира падот на увозот во другите земји во светот.
Што се однесува до житарките, нивните цени во просек се намалија, бидејќи цените на пченицата и оризот значително се зголемија, додека пченката бележи голем пад на цените.
Меѓународните цени на оризот од март скокнаа за 7,2 проценти, во најголем дел заради привремените ограничувања на извозот од Виетнам кои подоцна беа укинати, додека пченицата се зголеми за 2,5 проценти по информациите дека Русија ќе го суспендира извозот бидејќи беше близу до исполнување на нејзината извозна квота.
Цените на пченката, од друга страна, потонаа за 10 проценти, како резултат на намалената побарувачка за нејзина употреба и за добиточна храна и за производство на биогориво.
Во посебен извештај, ФАО денес ги презентираше првите прогнози за понудата на побарувачка на житни култури во 2020/21 година, според кој предвидува дека светското производство на пченица ќе изнесува 762,6 милиони тони, што во голема мерка е во согласност со нивото во 2019 година.
Очекуваниот помал род во Европската унија, Северна Африка, Украина и САД скоро целосно ќе ја компензира поголемата жетва во Австралија, Казахстан, Руската Федерација и Индија, проценува ФАО.
Исто така, се предвидува дека глобалната потрошувачка на пченица во 2020/21 година ќе биде стабилна.