Спас од корона-кризата: Грција, Кипар и Израел како безбедна туристичка зона

од Nikola Popovski
213 прегледи

Во исчекување на заедничките европски правила, Грција брза за билатерално договарање со што е можно повеќе земји за условите за пристигнување на туристи. Таа се определува за соседните земји, каде што не е голем бројот на заразени со коронавирус, а размислува и за здружување со Кипар и Израел.

Иницијативата на Грција сериозно се разгледува и, според „Ерусалим Пост“, многу е можно првите групи на туристи да пристигнат уште кон средината на јуни, доколку се најде решение за внатрешните правила за карантини и доколку тие, со оглед на тоа дека Грција и Кипар се членки на Европската унија, се во согласност со европските норми. Ова решение ќе се однесува само на земјите кои имаат помал број заразени, како на пример, Норвешка, Данска и Исланд. Идејата е прифатена и од Австрија, Чешката Република, Австралија и Нов Зеланд, кои исто така сериозно размислуваат за мултинационална алијанса за развој на туризмот.

„Израел е една од стратешките цели за отворање туризам во Грција и затоа веќе размислуваме за хигиенски стандарди и протоколи што ќе овозможат полесно патување меѓу двете земји. Истото важи и за соседен Кипар.Кога станува збор за соседните земји, првенствено мислиме на отворање на сообраќајот со автомобили“, рече грчкиот министер за туризам Харис Теохарис, потенцирајќи дека тоа би било безбеден сојуз за туризам и помош на оваа гранка, што на секоја од овие земји им дава барем четвртина од БДП.

Во исто време, Грција веќе е во преговори со Австрија и Бугарија, но се разгледува и можноста за воспоставување фериботски сообраќај со Италија од средината на јуни. Многу пореално е да се смета на побрзо активирање на патниот сообраќај. Грција, која излезе од вонредна состојба со 2.663 пациенти со коронавирусот и 147 смртни случаи и дневно бележи просечно по десет нови инфекции, нема намера целосно да ја изгуби туристичката сезона. Затоа многу активно се подготвува за соработка со заинтересираните земји од соседството од каде туристите би можеле да доаѓаат уште кон средината на јуни. Летовите во Грција ќе тргнуваат помеѓу 18 и 25 мај, додека се уште се очекува одлука за меѓународните, на европско ниво. Нискобуџетната авиокомпанија „Визар“ веќе објави дека ќе започне да се лета кон грчките острови Закинтос, Крит и Родос од јули. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис постави цел Владата да ги отвори границите на Грција кон туристите на 1 јули, поради што се разгледува можноста за скратување на роковите и порано олеснување на ограничувањата воведени во борбата против пандемијата.

Под притисок на трговците на мало и угостители, премиерот Мицотакис размислува да ги отвори продавници уште во втората половина на мај, а рестораните и кафулињата на 1 јуни. Решението е да им се овозможи на кафеаните и рестораните кои имаат само затворен простор да постават маси на тротоарите, на јавните површини. Дотогаш, треба да се почитуваат забраните за собирање повеќе луѓе. Сепак, многу млади во северниот дел на Атина повеќе не го почитуваат тоа, така што во првите денови по укинувањето на вонредната состојба, неколку стотици луѓе се собрале пред баровите. Пијалоците се сервирале на улица, што не е дозволено во вакви големи бројки и тоа без маски.

За првпат по 42 дена строго почитување на правилата, полицијата морала да интервенира, а плоштадот бил затворен за секој собир од 21 часот до 6 часот наутро. Кризниот штаб предупредил дека во случај на непочитување или зголемување на бројот на заразени, мерките можат повторно да бидат заострени.

Политика