Полски научници направиле калкулатор со кој се пресметува веројатноста за смрт во случај на инфекција со коронавирус.
Според претставникот на Поморскиот научен и технолошки парк, Магдалена Малара-Швитоњска, програмата „ги зема во предвид староста и полот на лицето, како и податоците за четири основни типа на хронични заболувања“.
Меѓу хроничните заболувања што калкулаторот ги зема предвид се: кардиоваскуларните заболувања, високиот крвен притисок, дијабетесот и карциномите.
Таа додала дека и лекарите и епидемиолозите учествувале во креирањето на калкулаторот.
„Ризикот од Ковид-19 често зависи од начинот на живот и сродните болести, вклучувајќи ги и дебелината, дијабетесот, хипертензијата и компликациите на овие болести. Најновите податоци покажуваат дека стапката на смртност кај лица без хронични заболувања е помала од 1% од случаите со фатален исход од Ковид-19 “, рече главниот креатор на калкулаторот, докторот по медицински науки, Петар Бандос.
При тестирање на калкулаторот, забележано е дека ризикот од смрт предизвикан од коронавирусот кај мажи на возраст од 30 години и без хронични заболувања е 0,03 проценти, а кај жените – 0,02 проценти. Кај мажите на возраст од 80 години со дијабетес и карцином, ризикот се зголемува на 25,86 проценти, а кај жените на иста возраст, кои страдаат од истите заболувања – на 14,03 проценти.
Скоро 4,2 милиони луѓе се заразени со вирусот ширум светот, а бројот на починати е над 280.000. Речиси 1,5 милиони луѓе се опоравиле од Ковид-19.