„Шенген зоната“ на слободно движење, во која освен 22 земји членки на ЕУ, се вклучени и Норвешка, Исланд, Швајцарија и Лихтенштајн, е скоро прогласена за мртва, кога поради пандемијата на коронавирусот, повеќето од овие земји повторно ги вовеле граничните контроли.
Иако, според официјалните регулативи, ваквиот потег е дозволен во случај на сериозна закана за националната безбедност, не е јасно како ќе се врати во живот „Шенген зоната“.
Според европското издание на веб-страницата „Политико“, ова прашање ќе биде предмет на дискусија на Европската комисија, која денес треба да усвои пакет упатства за земјите членки на ЕУ за начините за укинување на ограничувањата за движење и повторно отворање на државните граници.
Тековната состојба во голема мерка влијае на земјите кои сакаат да ги зачуваат своите економии со заживување на туризмот.
„Ова е како патување низ времето во мрачно и далечно минато. Сега треба да се вратиме во иднината. Мора да се вратиме во нормалност и тоа треба да го сториме веднаш штом тоа ќе го дозволи здравствената состојба”, рече еврокомесарот за внатрешни работи, Илва Јохансон пред Европскиот парламент.
Според нацрт-документот до кој имал пристап „Политико“, Комисијата ќе претстави двостепен пристап – во првата, земјите-членки во кои владата ја споредува епидемиолошката состојба треба да ги укинат ограничувањата за движење, но со понатамошно придржување кон мерките за социјално дистанцирање, што на пример, може да предизвика одредени проблеми за Грција во обид да привлече британски туристи.
Само во втората фаза, слободата на движење би била повторно воспоставена во целата зона и пошироко, се наведува во весникот.
Но, враќањето во целосно функционална „Шенген зона“ нема да биде лесно, бидејќи, според Петра Де Сутер, претседател на комитетот за внатрешен пазар на ЕП, ситуацијата е на работ на тензија меѓу надлежностите на ЕУ од една страна и земјите членки од друга страна.
Отворањето на границите започна, сепак, барем во помалите групи на земји.
Ваквиот потег беше направен минатата недела од Литванија, Латвија и Естонија, кои од петок ќе го откажат двонеделниот карантински престој за патниците кои се државјани на тие три земји, додека обврската за самоизолација останува во сила за луѓето кои се враќаат од други земји.
Според „Политико“, овие земји се обидуваат да ги вклучат Полска и Финска во таа група.
Според заедничката изјава на британскиот премиер Борис Џонсон и францускиот претседател Емануел Макрон, француските граѓани ќе можат да влезат на територијата на Велика Британија без да останат во карантин, иако тоа не беше потврдено во официјалниот документ на британската влада.
Кога станува збор за земјите од Бенелукс – Белгија, Холандија и Луксембург – парламентите на оваа група земји работат на предлози со цел да им овозможат на своите народи отворање на границите меѓу трите држави.
Грција работи на идејата дека странските посетители би можеле слободно да влезат во земјата, откако би биле тестирани за коронавирус или антитела, но нема научни докази за веродостојноста на ваквите тестови или дали некое лице откако ќе закрепне од Ковид-19 станува имун на болеста.
Загреб е во преговори со владата во Прага за можноста за отворање на воздушниот коридор за чешки туристи кои сакаат да го поминат своето лето во Хрватска, со што ќе се разгледа и можноста за склучување билатерални договори со други земји за взаемно отворање на границите.
Постигнување таков билатерален договор со Германија, беше навестено во април од австрискиот министер за туризам Елизабет Кестингер, а Португалија се подготвува да го овозможи домашниот и меѓународниот туризам од јули, иако границата на земјата со Шпанија, каде што вирусот однесе повеќе од 26.000 животи, досега останува затворена.
Цитирајќи ги зборовите на еден официјален претставник на ЕУ, „Политико“ наведува дека, и покрај сè, целосното враќање во „Шенген зоната“ ќе трае со месеци, а не со недели.