Вознемирувачко видео од САД: Уапсен Афроамериканец вели дека не може да дише, полицаецот му порачува – не ми е гајле

од Aleksandar Petrovski
309 прегледи

Во американските медиуми беше објавено видео од апсењето на Афроамериканец минатата година во Оклахома Сити, САД, а во него се слуша како уапсениот Дерик Скот вели „не можам да дишам“, на што полицискиот службеник одговара „не ми е гајле“. Скот потоа починал во болницата, јавува NBC News.

Видеото е направено на 20 мај минатата година, а оваа недела беше објавено од полицијата на Оклахома на барање на движењето „Black Lives Matter“, кое веќе неколку недели организира протести низ Соединетите држави заради бруталното убиство на полицијата на Џорџ Флојд.

Снимено е со камера на телото на еден од тројцата полицајци кои уапсиле 42-годишен Афроамериканец Дерик Скот, кој повеќе пати од полицијата го барал неговиот лек и рекол дека не може да дише.

„Не ми е гајле“, му вели еден од офицерите, Џаред Типтон.

https://www.youtube.com/watch?v=gU14one-J2Y&feature=emb_title

Неколку минути подоцна, се слуша гласот на друг службеник кој му кажува на Скот: „Може да дишеш сосема нормално“.
Скот, кој престанал да биде респонзивен по неколку минути снимање, подоцна бил прогласен за мртов во локалната болница. Во извештајот за обдукција, добиен од NBC News, се наведува нарушено белодробно крило како причина за смртта.

Инцидентот се случил кога полицајците биле повикани во област јужно од центарот на Оклахома Сити набргу после 2 часот попладне, откако некој пријавил дека Афроамериканец се расправал со луѓе на улица и мавтал со пиштол, изјави капетанот Лери Витров од градската полиција во Оклахома.

На видеото се гледа како Скот бега од полицаецот Типтон, откако го прашал дали е вооружен. Откако полицајците го фрлиле на подот и го врзале, еден од офицерите извадил пиштол од џебот на Скот.

Полицајците биле ослободени од обвинение

Подоцна, видеото покажува како еден од полицајците се обидел да го спаси Скот со вештачко дишење.

Во аутопсијата се наведува дека полициската акција не резултирала со „фатални повреди“ и наведува неколку други „значајни“ фактори кои придонеле за смртта на Скот, вклучително и врзувањето, неодамнешна употреба на метамфетамин, астма, емфизем и срцеви заболувања.

Истрагата спроведена од обвинителството покажа дека тројцата полицајци кои го уапсиле Скот не направиле никаков пропуст, а зборовите „не ми е гајле“, началникот на полицијата во Оклахома ги опиша како „кажани во жарот на борбата“.

„Мора да разберете, во тој момент, полицајците се бореа против него“, рече Лери Витров, капетан на полицијата во Оклахома.

За потсетување Америка со недели ја тресат протестите за полициското убиство на Џорџ Флојд, кој беше убиен, откако тој повеќепати го предупредуваше полицаецот кој ја држеше ногата на неговиот врат: „Не можам да дишам“.