Јовановска: Лекарите добиваат закани од пациентките ако ги ставиме во изолација

од Берта Китинска
342 прегледи

Во изолација е ставен дел од медицинскиот персонал на ГАК, кој беше во контакт со докторката која не пријавила дека во семејството има позитивен на Ковид 19 и дошла да се породи.

– Станува збор за млада пациентка на 27 годишна возраст, првородка која што не ги пријавила своите контакти во пријавата која се потполнува со морална и кривична одговорност. Затоа успеала да помине низ Триажниот центар и примена е на Одделот за патолошка бременост. Таму ги ставила во опасност и себе и своето бебе, останатите пациентки и лекарскиот персонал. Како последица на тоа, правиме нови списоци, реорганизација. Пациентките не треба да се грижат, ќе им биде пружена нега по сите протоколи, иако дел од персоналот сега е во самоизолација, рече директорката на ГАК, Викторија Јовановска во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Таа нагласи дека пациентките кои биле во иста соба со докторката се ставени во изолација.

– Пациентките се ставени во изолација, токму поради неодговорното однесување на докторката, за која не се знае дали навистина е докторка, бидејќи не е регистрирана во Лекарската комора, иако во пријавниот лист напишала дека е докторка. Се уште е рано да се прават тестови бидејќи можат да дадат лажно негативен резултат, објаснува Јовановска.

Јовановска е револтирана од начинот на однесување на дел од пациентите, кои дури им се закануваат ако ги сместат нивните блиски во изолација.

– Иако лекарите се многу пожртвувани, изморени од дежурства, се соочуваат со агресивно оснесување од страна на роднините на пациентките. Тие буквално им се закануваат дека ако бидат однесени во одделот за изолација, ќе им се случи нешто. Не се свесни дека ако мајката е суспектна, а не не извести, со бебето нема да се постапува како по протокол за Ковид, а тоа може да биде опасно, вели Јовановска.

Слични содржини