Кинески научник: Коронавирусот од Пекинг е повеќе заразен отколку вирусот од Вухан

од Nikola Popovski
189 прегледи

Коронавирусот откриен на пазарот Синфади во Пекинг е веројатно повеќе заразен од првобитниот во Вухан, изјави за кинескиот весник „Хуангју Шибао“, Џенг Женгју, професор на Институтот за вирологија при Универзитетот во Вухан.

„Во процесот на еволуција, инфективноста на вирусот може да се зголеми или намали. Но, мислам дека коронавирусот, пронајден на пазарот во Синфади е повеќе заразен од оној што се најде на пазарот во Вухан“, посочи професорот.

Тој објаснил дека може да се спореди растот на бројот на пациенти на самиот почеток на пандемијата по појавата на вирусот во декември 2019 година и да дојде до заклучок дека таков раст е веќе постигнат во Пекинг за пократко време.

Покрај тоа, според него, епидемијата избувнала во Вухан во зима, кога условите влијаат на ширењето на вирусот, а во Пекинг сега има висока летна температура, што не помага во ширењето на болеста. Исто така, имало многу пациенти во Вухан кои не биле во контакт со пазарот на морски плодови, додека во Пекинг сега се сите поврзани со пазарот Синфади.

Професорот смета дека разликата помеѓу сегашната состојба во Пекинг и она што се случи во Вухан е во тоа што Кина веќе се стекна со многу искуство и создаде ефективни механизми за заштита, благодарение на што може побрзо да ги преземе потребните мерки за контрола и борба против епидемијата.

Во исто време, тој признал дека појавата на нови епидемии и видови на вирусот го комплицира истражувањето и развојот на вакцините.

Во Пекинг, пазарот во Синфади беше затворен во саботата заради откривање на коронавирус кај 59 жители на градот, од кои повеќето имале контакт со пазарот. Градските власти го зголемуваат бројот на тестови за локалното население.