Полициски службеник во Њујорк беше суспендиран откако беше снимен со раката околу вратот на Афроамериканец, што полицискиот началник го окарактеризира како „очигледно гушење“.

На видеото се прикажани група полицајци кои се приближуваат кон еден Афроамериканец, додека едниот со рака му го стиска вратот додека лежел со лицето надолу на пристаништето на плажата во Квинс.
На снимката се гледа и како некој вика: „Го задушувате, брате“.
Службеникот го олабавил зафатот откако еден колега го повлекол за кошулата. Не е јасно дали Афроамериканецот е повреден за време на инцидентот, но на видеото се гледа дека тој успеал да застане на нозе откако стана од земја.
Техниката на задушување е одамна забранета во Њујорк. Борбата против употребата на таа техника започна по смртта на Ерик Гарнер во 2014 година, кога еден полицаец го задави за време на неговото апсење.
Гувернерот Ендру Куомо неодамна потпиша закон со кој се регулира примената на полициските мерки, со кој се забранува техниката на гушење.