Почнува тридневното гласање, денеска гласаат лицата со Ковид-19 и во самоизолација

од Берта Китинска
260 прегледи

Почнува тридневното гласање за десетите парламентарни избори, петти предвремени од независноста на земјата.

Ова се најспецифичните избори што досега биле организирани во земјата имајќи ја предвид состојбата со коронавирусот и мерките што треба да се почитуваат, како од страна на граѓаните со носење маска, држење растојание, така и од страна на членовите на избирачките одбори, набљудувачите и сите други вклучени во процесот. Гласањето денеска почнува токму со лицата со Ковид-19 и во самоизолација, чии барања беа прифатени од Државната изборна комисија, а го спроведуваат посебни избирачки одбори составени од тројца здравствени работници и претставници на политичките партии.

Во Избирачкиот список за овие избори се запишани еден милион 814 илјади и 263 полнолетни граѓани со право на глас. Овој пат во Избирачкиот список се ставени и сите лица кои до 15 јули ќе станат полнолетни односно ќе наполнат 18 години.

Според информациите од Државната изборна комисија во изводите на Избирачкиот список се запишани еден милион 729 илјади и 189 лица. Лица кои се иселиле или работат во странство во посебните избирачки изводи се запишани 83.054 гласачи. Во посебниот избирачки список за лицата во затвор и во притвор се запишани 1.657 гласачи, во старските домови 357 и шест лица се водат како внатрешно раселени лица.

На овие избори нема да се спроведува гласање во дијаспората, бидејќи за време на пријавувањето кое се случи пред прогласувањето на вонредната состојба, не се пријавија доволен број наши државјани. Сепак, иселениците ќе можат да гласаат доколку допатувале во нашата земја со важечка патна исправа.

Исто така, ДИК најави дека на изборите ќе можат да гласаат и лица со патна исправа чие важење истекло од прогласувањето на вонредната состојба, а е продолжено со уредба со законска сила на владата до 30 јули.

Во однос на изборните единици просечниот број на запишани гласачи е 302.377 запишани избирачи. Најмногу гласачи има во Куманово има 93.603 избирачи, Битола со 81.607 избирачи, скопски Аеродром 66.525 избирачи, Бутел 33. 278 и.т.н. Општини со најмалку гласачи се Вевчани со 2.062, Конче 2.724, а најмала е Лозово е 1.997 гласачи.

На 90 избирачки места во нашата држава има помалку од 10 гласачи и според Изборниот законик, овие избирачи ќе можат да гласаат на најблиското избирачко место. Во Македонски брод има 11 такви избираки места, во Пробиштип седум, во Прилеп 13 и други.

Гласањето ќе се спроведува на 3.480 гласачки места, а ќе се гласа за 15 политички партии и коалиции коишто вкупно имат 1.578 кандидати. Од нив, според статистиката на ДИК, 675 (42,78 отсто) се жени, а 903 (57,22 отсто) се мажи.

ДИК пред донесувањето на мартовската Уредба на Владата за запирање на изборните дејствија и одлуката на политичките лидери за одложување на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април, ги потврди листите и го утврди и изгледот на гласачкото ливче.

Со свои кандидатски листи во сите шест изборни единици ќе учествуваат ДУИ, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и Беса, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ „Обнова на Македонија“, политичката партија ИНТЕГРА, „Никогаш северна, секогаш Македонија“, Демократи, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и Работничката партија.

СДУ, ГДУ и Глас за Македонија нема да учествуваат во „шестката“, односно поднесоа листи само за изборните единици 1, 2, 3, 4 и 5. „Твоја партија“ доставила кандидатски листи за изборите единици 1, 2 и 5, а Народна партија на Ромите само во втората изборна единица. ДПА има кандидатски листи во пет изборни единици.

Денеска се спроведува гласањето за лицата позитивни на Ковид-19 и во самоизолација, во 57 општини каде што имаше пријавено лица.

Утре, вторник, на 14 јули гласаат болните, немоќните и хронично болните, лицата во старските домови, затворениците и лицата во домашен притвор.

Гласачките места на 15 јули (среда), кој е прогласен за неработен ден, ќе бидат отворени во 7 часот наутро, а изборниот ден завршува два часа подоцна од вообичаено, односно во 21 часот. Гласањето е продолжено поради мерките за заштита од Ковид-19. Поради тоа исто така е сменета и локацијата на околу 10 отсто од гласачките места, поради тоа што не ги исполнувале препораките на здравствените власти.

ДИК, учесниците на изборите, сите вклучени во процесот повикаа првенствено на почитување на мерките за заштита од коронавирусот, но и на почитување на демократските стандаради, на фер и слободни избори.

Првично овие избори беа закажани за 12 април, но поради пандемијата со коронавирусот тие беа одложени, а потоа презакажани за 15 јули, по долги преговори на политичките партии.

Изборите се одржуваат во ситуацијата кога во земјата недели наназад има троцифрени бројки на позитивни со коронавирусот. Но, земјата е без Парламент од февруари година, а ја предводи техничка влада чија првенствена задача, според Пржинскиот договор, требаше да организира фер и демократски избори.

Слични содржини