Здружението „Една може“: Да се реши проблемот на самохраните родители кои мора да одат на работа, а нема кој да им ги чува децата

од Берта Китинска
249 прегледи

Здружението за унапредување на правата на самохраните мајки „Една може!“ преку соопштение бара од надлежните органи, националните институции, одлучувачките тела и локалните самоуправи, а во овој период и од Владата, Кризниот тим за постапување во вонредни состојби и Министерството за труд и социјална политика, да се реши проблемот на самохраните родители – во најголема мера – на жените самохрани мајки по различни основи, кои секојдневно се среќаваат со непремостливи проблеми, а посебно се погодени и под висок ризик, од почетокот на кризата предизвикана од Ковид-19.

– Имено, како ранлива група ретка е можноста нашите деца да ги чуваат нашите родителите, некои ги имаат, некои не, некои пак се дискриминирани и од самите родители и немаат нивна поддршка. Сепак, станува збор за две ранливи групи (мали деца и стари лица) каде што согласно препораките за заштита од коронавирусот, посебно е нагласено дека меѓусебно не треба да се мешаат. Алтернативни решенија за згрижување на нашите деца немаме, имајќи предвид дека градинките и центрите за деца кои вообичаено ги згрижуваат децата до 10 – годишна возраст во летниот период се затворени. И покрај тоа, ние мораме да одиме на работа, бидејќи како еднородителски семејства тоа е нашиот единствен извор на егзистенција, но згрижувањето на нашите деца е неизвесно. Со тоа, нашите семејства стануваат критични семејства со зголемен потенцијален финансиски и здравствен ризик, посочуваат од Здужението.

Тие бараат од належните да имаат разбирање и емпатија за оваа група граѓани/ки кои поради различни околности останале сами да ги подигнуваат своите деца.

Дел од нив бараат да продолжи да важи мерката, исто како и за родителите, чии деца одат во градинка и не се опфатени со најновата мерка – враќање на работа, како што беше одлуката на 65-та седница на Влада.

Според нив, секое еднородителско семејство треба да си направи најсоодветен избор: дали сака да користи мерка за ослободување од работа или сака да избере паричен државен трансфер со конкретна намена „обезбедување негувателка“ за сите кои имаат потреба од вакво нешто.

– Следното неопходно во кое силно веруваме дека е потребно, е даночно ослободување и намалување на комунални трошоци за секое еднородителско семејство. Со само еден потег би се решиле неколку проблеми од суштинско значење: децата ќе бидат згрижени, ние ќе можеме да имаме пристап до работните позиции и да обезбедуваме егзистенција и ќе се отворат работни позиции кои и те како се неопходни во овој период, потенцира претседателката на Здружението „Една може!“, Дороти Пачкова, родова експертка.

Слични содржини