„Некои земји сè уште не разбираат дека Цариград со векови бил во рацете на муслиманите“, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„На отворањето на Аја Софија во петокот, видовме дека некои земји не знаат дека Цариград е на турска територија. Без оглед на тоа што поминаа векови од неговото освојување до денес, ние гледаме дека тие сè уште не признаваат дека Цариград е во рацете на турскиот народ и муслиманите“, изјавил вчера Ердоган на отворањето на новата турската разузнавачка служба во Истанбул, пренесува „Ортодокс Тајмс“.
Да потсетиме дека премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, во петокот изјави дека „она што се случува денес во Цариград (Истанбул) не е приказ на сила, туку напротив, е знак на слабост“. Мицотакис ја обвини Турција за „навредување на наследството од 21 век“.
Црквата Света Софија е изградена во 537 година и претворена во џамија во 1453 година, веднаш откако трупите на султанот Мехмед Освојувачот го уништиле, заробиле и ограбиле Цариград, денешен Истанбул.
Пет века подоцна, во 1935 година, за време на проевропската реформа на Турција предводена од Ататурк, таа беше претворена во музеј. Осумдесет и шест години подоцна, статусот на Аја Софија беше променет уште еднаш – повторно стана џамија.