Шоуто „Елен Деџенерис“ на работ на колапс

од Vladimir Zorba

„Шоуто на Елен Деџенерис“ е една од најпопуларните емисии на американската телевизија, за која најзаслужна е промоцијата на речиси „слатка добрина“, пишува „Гардијан“. Сепак, Елен, водител на нејзиното омилено шоу и една од најголемите телевизиски sвезди во САД, беше критикувана по откритието дека во нејзиниот тим владее токсична атмосфера и култура на злоупотреба и вознемирување, што се претвора во уште еден #MeToo скандал.

Во пораката што им ја испрати на вработените минатата недела, Елен рече дека има намера да ги реши сите проблеми и додаде дека не може секогаш да ги држи сите жици во рацете, па се потпира на другите да ја вршат работата за којашто ги задолжила.

„Но, јасно е дека некои не го сториле тоа“, напиша Деџенерис.

„Тоа ќе се промени и таквите работи нема да се случат повторно“.

Иако не прецизираше точно какви промени има намера да направи, извесно е дека продуцентот Ед Главин ќе биде отпуштен од работа.

Порталот „BuzzFeed“ разговараше со 36 вработени во Елен кои се пожалија на вознемирување, навреди и напади. Некои обвинувања исто така се однесуваат на сексуална злоупотреба на која биле изложени вработените од понизок ранг, од кои исто така биле побарани сексуални услуги.

„Telepictures“, која го продуцира „The Ellen DeGeneres Show“, издаде изјава во која се вели дека е „разочарана од првичните наоди на истрагата, кои покажале недостатоци во секојдневната работа и третманот на вработените“.

Студиото додаде дека ќе бидат направени одредени кадровски промени и дека елиминацијата на нерегуларностите ќе започне веднаш.

Тие исто така рекоа дека ѕвездата на шоуто, 62-годишната Елен, размислува да престане со снимањето на шоуто што се прикажува веќе 17 години.

„Елен смета дека не може да продолжи и дека единствениот начин да се измие дамката од нејзиното име и да се спаси брендот е да престане да го снима шоуто. Вистината е дека знаеше што се случува. Па тоа е нејзиното шоу! Таа може да го обвини секој можен продуцент во светот, но вината е кај неа“, откри добар познавач на ситуацијата зад камерата.

Еден од вработените додава: „Елен сега се справува со овој проблем заради интересот на јавноста и слабиот публицитет, што во голема мерка штети на нејзиниот бренд, што промовира среќа и љубезност. Секогаш кога ќе ја слушнев како се застапува за луѓето да бидат љубезни едни со други, малку ќе повратев, затоа што таа самата се однесува сосема поинаку“.

Слични содржини