Владејачката Демократска партија на социјалистите претрпе големи загуби на парламентарните избори во Црна Гора. Сега, партијата на претседателот Мило Ѓукановиќ мора да стравува од губење на власта, пишува Дојче Веле. 
Земја помеѓу Истокот и Западот? Лојален сојузник за ЕУ и НАТО? Игралиште на еден автократ и неговото семејство? Многу точни работи можат да се кажат за Црна Гора. Обично, две работи се занемаруваат – големината на земјата и нејзиниот однос кон Србија и Србите. И тоа вистинскиот однос, а не оној од политичките тврдења.
Со 620.000 жители, Црна Гора е со големина на Луксембург или Дизелдорф. Секој знае секого. Но, за разлика од Луксембург или Дизелдорф, никој не имигрира во Црна Гора. На единствениот универзитет во земјата, луѓето седат на исти предавања, најчесто оделе во истите средни училишта, честопати биле дури и во иста градинка.
Корумпиран систем на клиентелизам
Апстрактните правила и неутралните институции имаат природно тешка позиција во ваквите мали заедници. Личните врски се секогаш поважни. Ова не важи само за Балканот, иако општествата со блиски семејни врски, како што е случај во регионот, добиваат дополнителна, посебна нота. За да ги разбереме големите земји, доволно е да ги разбереме правилата што ги регулираат. Малите земји немаат крај – тоа е законитоста поради која Европската комисија редовно пропаѓа во Црна Гора.
Корумпираниот, клиентелистички систем што суверено го спроведуваше Мило Ѓукановиќ со децении – претседателот, таткото на државата, моќниот шеф на партијата, долгорочниот премиер – е постар од него и сигурно ќе го надживее. Од трите лабави сојузи на партии кои сега имаат намера да го наследат системот на Ѓукановиќ, само најмалата има идеја што значи организирање на општеството според неутрални и универзално валидни правила. Поверојатно од социјален пресврт е опстанокот на системот без црногорскиот претседател, а уште поверојатно е вклучување на несигурен претседател во нов, поголем и поотворен систем кој нема да биде помалку корумпиран.

Амбивалентен однос кон Србија
Второто недоразбирање се однесува на односите со Србија. Ѓукановиќ ја одведе земјата до независност во 2006 година наспроти значителен отпор. Повеќето Црногорци кои тогаш беа против независноста, оттогаш наваму се дефинираат себеси како Срби. Според вообичаените критериуми, тие не се етничко, туку политичко малцинство.
Овој контраст, кој не е надминат до денес, го прикрива фактот дека цела Црна Гора, мнозинството и малцинството, негува амбивалентен однос кон својот десет пати поголем сосед. Србија не е вистинска странска земја, кој и да се пресели во Белград, таму навистина не е странец. Србија е исто така важна и за луѓето со црногорска свест, барем како дрвото за чешање или како алтер-его, а потајно и како критериум, пример или резервно решение, ако сопственото раководство стане премногу самосвесно. Кој ќе испадне од системот на Ѓукановиќ, прво оди во Србија.
Најголемиот број од Црногорците не сакаат да ја сметаат својата нација за свој единствен универзум. Ова сознание, инаку вештиот политичар Ѓукановиќ го игнорираше кога тргна против Српската православна црква во својата земја и ја поддржа Црногорската православна црква која се смета за независна црква на Црногорците. Планираното одземање на црквениот имот за многу избирачи беше знак дека претседателот тежи кон апсолутна моќ. Но, тие не сакаа да му ја доверат.
Европската унија треба да ги гради своите односи со Црна Гора на релаксиран начин и да признае дека помалите земји имаат различни правила од соседните земји, кои се три до десет пати поголеми. Ова не значи дека Европа треба да замижува кога критичарите на владата се претепани или новинари се затвораат.
Само, за разлика од Србија, ЕУ нема да може во Црна Гора да бара правосуден систем во кој таквите работи веќе нема да се случуваат. Подобро да испрати министер за надворешни работи од некоја моќа членка на ЕУ кој ќе има јасна порака: Не може тоа така! Можеби односите во Црна Гора се недоволно прегледни. Но, јазикот сите ќе можат да го разберат.
(Дојче веле)