Интервју со Филипче: Со работа, посветеност и целосна транспарентност, создадовме доверба кај граѓаните во здравствениот систем

од Vladimir Zorba
1,K прегледи

Пандемијата на Ковид-19 беше најсериозниот тест за нашиот здравствен систем. И не само за нашиот, за секој здравствен систем во земјите во светот. Сметам дека во овие услови на најголема светска здравствена криза, покажавме како треба и како може, со работа, посветеност и целосна транспарентност кон јавноста, да се создаде огромна доверба кај граѓаните во здравствените работници и здравствениот систем, вели министерот за здравство Венко Филипче во интервју за Локално.

Министерот посочи дека оваа криза на сите нас, и како поединци, и како држава ни ги промени приоритетите на подолг рок, а тоа ќе се отслика и понатаму во одлуките за инвестиции во здравствениот систем.

Смета дека сосема соодветно и успешно земјава се справува со коронавирусот.

-За смртноста, дозволете да кажам дека за секој пациент е направено сѐ и тоа одговорно го тврдам. Ние како земја, заземавме, ќе речам, одговорен пристап на тестирање на починати лица за кои семејството укажало дека имало симптоми на ковид, што е епидемиолошки целосно оправдано, вели Филипче.

Во однос на вакцината и нејзината достапност во земјава, министерот вели дека аплицирано е преку два механизми за вакцината.

-Едниот систем е преку механизмот на СЗО за еднаква прераспределба на вакцините во сите земји кои ќе аплицираат за вакцинирање на 20 отсто од населението, секако тука ризичните групи имаат предност. И понудата од Полска, преку полската амбасада кај нас, да купиме една количина од нивната количина која земјите од ЕУ планираат да ја добијат преку директен договор со произведувачот на таа т.н оксфордска вакцина, посочи министерот.

За тоа дека голем број граѓани не се согласуваат да ја примат вакцината против Ковид-19, тој вели дека таа нема да биде задолжителна.

-Сега кога се соочуваме со болест за која нема вакцина, гледаме колку вакцинацијата е битна. Доколку имаше вакцина на светско ниво пандемијата многу побрзо ќе беше запрена. Верувам дека ова е поука за сите оние кои се спротивставуваат на вакцинацијата, смета Филипче.

По изборот на новата Влада, дадена ви е доверба за втор мандат на чело на Министерството за здравство. Во првиот, голем дел од времето потрошивте на справување со пандемијата на Ковид-19. Колку сепак е унапредено здравството од кога вие сте министер?

-Можам да кажам дека она што го зацртавме на почетокот на мојот прв мандат, и покрај ковид-19, успеавме во голема мера да го реализираме. Некои проекти, разбирливо, беа одложени заради корона кризата која нé затекна, но некои пак произлегоа токму од неа, кои не само што се одговор на состојбата туку ќе обезбедат и долгорочен бенефит во здравството.

На почетокот на мојот прв мандат, наша задача беше да го унапредиме здравствениот систем кој беше речиси пред колапс. Нема да претерам ако кажам дека затекнавме руинирани здравствени установи, стара медицинска опрема, недостаток на лекови, инсулини со сомнителен квалитет, недостаток на медицински персонал и здравствени работници со ниски плати кои сакаа или веќе ја напуштаа државата.

Многу вложивме во реконструкции. Целосно се реконструираа повеќе од 30 оддели во болници и клиники, а инфраструктурните проекти не застанаа ниту во кризата. Во екот на пандемијата, го пуштивме во употреба новото крило во болницата во Струмица каде на 6.000 м2 се сместени повеќе специјалистички амбуланти, понатаму реновираниот оддел на Клиниката за нефрологија, пред неколку дена одделот за женски интернистички болести во Кавадарци, Институтот за трансфузиона медицина, Клиника за хематологија, Клиниката за максилофацијална хирургија почна да се реконструира итн.

Целосно се уреди и пристапната инфрастуктура на клинички. По 50 години ја менуваме и инфраструктурата и функционалноста на клиничкиот центар.

Во минатиот мандат, набавени се најсовремени медицински апарати за здравствени установи на територијата на целата земја, 12 нови возила за итната медицинска помош, нови лекови, вакцини и најсовремена медицинска терапија. Ги укинавме квотите за лекови на рецепт во аптеките. Сега терапијата е достапна во секоја аптека и во секое време.

Воведовме 7 нови лекови за ретки болести, а пациентите со дијабетес сега добиваат високо-квалитетен и сертфициран инсулин. Воведовме иновативна биолошка терапија за пациентите со малигни заболувања, набавивме нови дигитални мамографи, воведовме задолжително двојно читање на мамографските снимки, бесплатни ортопедски градници и психолошка поддршка за пациентките со рак на дојка.
Го збогативме имунолошкиот календар со две нови вакцини за заштита од пневмокок и рота вирус, кои се чести во детската возраст, особено кај децата кои посетуваат градинки.

Многу сериозно пристапивме и кон прашањето на смртност кај новороденчиња, бевме меѓу земјите со највисока смртност во Европа. Инвестиравме во опрема, во инфраструктура, но најважно од сé во луѓе за да се подигне нивото за експертиза. Со сето ова, успеавме двојно да ја намалиме стапката на смртноста кај новореднчињата, што за нас како држава претставува голем напредок.
Во однос на инвестициите во човечкиот капитал, имаме рекордно зголемување на платите и надоместоците за медицинскиот кадар, нешто до сега не се случило години наназад.

Факт е дека беа започнати и други проекти и активности, но за жал некои мораше да бидат одложени заради пандемијата со Ковид-19, но претходно преземените активности значително придонесоа да може здравствениот сиситем брзо да се прилагоди и успешно да се менаџира кризата со Ковид-19.

Наскоро, продолжуваме со реализација на проектите, започнуваме нови, согласно новите побарувања и потреби на здравствениот систем за да обезбедиме врвни здравствени услуги за граѓаните и подобри услови за работа на медицинските кадри.

Можеше ли подобро да се справиме со пандемијата и како, според вас, генерално се дава позитивна или негативна оценка на една земја за справување со Ковид-19?

-Пандемијата на Ковид-19 беше најсериозниот тест за нашиот здравствен систем. И не само за нашиот, за секој здравствен систем во земјите во светот. Сметам дека во овие услови на најголема светска здравствена криза, покажавме како треба и како може, со работа, посветеност и целосна транспарентност кон јавноста, да се создаде огромна доверба кај граѓаните во здравствените работници и здравствениот систем.

Ние сме меѓу малкуте земји кои воведоа навремени здравствени мерки. Сметам дека брзо се престроивме и во континуитет се адаптираме на секоја состојба. Го зајакнавме капацитетот и координацијата на здравствениот систем преку изградба на монтажна болница, дигитализација на услуги, доопремување на Клиниката за инфективни болести, прераспределба на здравствениот кадар, зголемување на капацитети за тестирање и навремена едукација на здравствените работници. Здравствениот систем и работници се подготвени за евентуален следен бран на коронавирусот. Ова беше возможно зошто дел од промените и унапредувањата во здравствениот систем веќе започнаа да се одвиваат и пред почетокот на пандемијата.

Оваа криза на сите нас и како поединци, и како држава ни ги промени приоритетите на подолг рок, а тоа ќе се отслика и понатаму во одлуките за инвестиции во здравствениот систем.

И во текот на пандемијата, дел од здравствените услуги функционираа непрекинато во целиот овој период. Непречено се одвиваа сите итни интервенции, терапиите и интервенциите кај малигните заболувања, дел од клиниките функционираа непрекинато. Имавме одложување на операциите кои не беа итни, пред сé заради ротацијата на анестезиолозите, но и заради заштита на самите пациенти од ширење на ковид-19. Но и во овие услови, во пандемија, имавме повеќе трансплантации на бубрег и за прв пат во нашата земја, успешна трансплантација на срце од починат донор.

Веќе полека почнуваат да се враќаат редовните програми на клиниките. Функционира и системот за закажување на интервенции и прегледи преку МојТермин.

Но, интензивно се подготвува здравствениот систем и за наредниот период, во смисла на болнички капацитети и кадар, а да притоа не биде компромитиран редовниот програм. Го прилагодуваме здравствениот систем со формирањето на новите ковид центри целосно да ги одвоиме пациентите со Ковид или со таква симптоматологија во 16 града низ земјава, по примерот на монтажната болница до Инфективната клиника и новата амбуланта кај пулмологија.

Сметам дека сосема соодветно и успешно се справуваме со коронавирусот. Во ниту еден момент немавме недостаток на болнички капацитети, што е клучен параметар за оцена на успешноста на здравствениот систем, вршиме широко тестирање и ги изолираме сите контакти на заболените, имаме протоколи – не дозволивме ширење на вирусот меѓу ризични групи на граѓани, подготвени сме за сите сценарија за есен.

За смртноста, дозволете да кажам дека за секој пациент е направено сѐ и тоа одговорно го тврдам. Ние како земја, заземавме, ќе речам, одговорен пристап на тестирање на починати лица за кои семејството укажало дека имало симптоми на ковид, што е епидемиолошки целосно оправдано. На тој начин постојано имаме увид во епидемијата и ги штитиме семејствата на починатиот за кој доколку пост мортем се утврди дека го имал вирусот, пристапуваме соодветно со изолација, тестирање. Голем дел од смртните случаи се дијагностицирани пост мортем.

Но има уште еден момент, голем дел од смртните случаи настанале заради тоа што пациентите доцна се јавиле во болница. Инаку генерално, леталитетот кај нас воопшто не е повисок од светскиот или од европскиот просек.

Ако би можеле да се вратите наназад и со сите информации кои досега светот и медицината ги научи за „невидливиот непријател“, би го прифатиле ли, да речеме, „шведскиот модел“ кој не вклучуваше толку рестриктивни мерки?

-Мерките кои од почетокот ги воведуваме дадоа соодветни резултати. Сите мерки кои беа постепено воведувани, а потоа и постепено олабавувани резултираа со тоа цело време да имаме контрола над ситуацијата со ширењето на епидемијата, особено во однос на клучите параметри според кои се оценува успешноста на менаџирање на кризата – а тоа е дека во ниту еден момент немавме преоптоварување на болниците, спречивме појава на поголеми кластери поврзани со ранливи групи на пациенти, целосно го престроивме здравствениот систем за многу кусо време за пружање на соодветна нега на пациентите со симптоми, преку хоспитализација и следење преку матичните лекари на домашно лекување, за оние со поблаги симптоми.

Мерките кои ги спроведуваме и кои ги предлага комисијата за заразни болести, целосно се во согласност со достапните искуства, препораките на СЗО, актуелната ситуација во земјата, имајќи го предвид и менталитетот на граѓаните. Секогаш и секаде кога се почитуваат мерките тие даваат резултати.

Сите појави на ширење на вирусот, сите новозаболени се резултат на непочитување или неправилно спроведување на мерките за лична заштита и пропишаните протоколи. Мерките и на почетокот и сега се сосема соодветни и рестриктивните мерки беа неоходни во почетокот за да се запре ширењето на вирусот меѓу граѓаните, но и за да не се дозволи крах на здравствениот систем, нешто што беше случај во некои европски земји.

Една од најголемите причини поради кои граѓаните не се решаваат да се тестираат за корона и кријат за постоењето на симптомите е тој изолациски период од 14 дена. Познатиот германски виролог Кристијан Дростен од болницата „Шарита“ во Берлин сепак заговара за скратување на периодот на самоизолација на 5 дена. Тој верува дека заразените се најинфективни во тој период од 5 дена. Може ли ваква одлука да донесе повеќе резултати во борбата со вирусот кај нас?

-Сите одлуки кои ги носиме се научно издржани. Веќе ги спроведуваме препораките од СЗО околу начинот на ослободување на лицата болни односно позитивни на Ковид-19 без потреба од контролно тестирање, токму врз основа на препораките на СЗО и Европскиот центар за превенција и контрола на болести, а по опсежни анализи на Истражувачкиот центар за генетски инженериг и биотехника во МАНУ и релевантни медицински студии. Од неодамна, сите позитивни лица со Ковид-19 се ослободуваат од изолација после 10 дена од првиот позитивен тест ако се асимптоматски случаи, односно после 20 дена кај пациентите со симптоми, поточно за нив, 3 дена по престанок на симптомите.

Вакцина против Ковид-19 веќе е регистрирана во Русија и во земјата веќе планираат широка вакцинација на граѓаните, а студија во британското научно списание „Лансет“ наведува дека пациентите вклучени во раните нејзини тестови развиле антитела „без сериозни несакани дејства“. Дали можеби размислувате за нарачување на одреден број дози од „Спутник V“ или ќе се чека на „посигурна“, западна варијанта?

-Ние аплициравме преку два механизми за вакцината. Едниот систем е преку механизмот на СЗО за еднаква прераспределба на вакцините во сите земји кои ќе аплицираат за вакцинирање на 20 отсто од населението, секако тука ризичните групи имаат предност. И понудата од Полска, преку полската амбасада кај нас, да купиме една количина од нивната количина која земјите од ЕУ планираат да ја добијат преку директен договор со произведувачот на таа т.н оксфордска вакцина.

Станува збор за 400 милиони дози, не се знае како ќе биде распределбата, но ние сме во постојан контакт и со Полска и со СЗО. Мислам дека одржуваме добра динамика на комуникација и ќе бидеме земја која, тогаш кога ќе стигне вакцината, ќе имаме навремен пристап до истата.
Паралелно го зголемуваме и обемот на бесплатни вакцини против сезонски грип, како дел од стратегијата за справување со Ковид-19. Вакцината нема да биде задолжителна, но таа и тоа како е важна мерка за заштита против Ковид-19, особено за луѓето од најранливите групи.

Ќе ги вакцинираме сите лица постари од 65 години, пензионери, ќе има вакцина и за здравствените работници, за трудници, за тие кои сметаме дека најмногу треба да се заштитат. Верувам дека ќе има добар одзив и дека ќе прифатат вакцинација. Да се заштитат барем од сезонскиот грип, зашто за тоа има заштита-вакцина.

Меѓу граѓаните има голема скепса во однос на вакцината и дали таа треба да се прими или не. Како планирате да го решите „проблемот“ со оние кои нема да сакаат да ја примат, кога таа ќе биде достапна кај нас? Ќе биде ли таа задолжителна и кои категории на граѓани први ќе ја примат?

-Вакцината нема да биде задолжителна, а секако препорачливо е да се вакцинираат ранливите групи – хронични болни, лица постари од 65 години, здравствени работници. За овие ризични групи ќе бидат достапни првите количини на вакцини кога ќе пристигнат. Сега кога се соочуваме со болест за која нема вакцина, гледаме колку вакцинацијата е битна. Доколку имаше вакцина на светско ниво пандемијата многу побрзо ќе беше запрена. Верувам дека ова е поука за сите оние кои се спротивставуваат на вакцинацијата.

Очекувате ли во следниве месеци зголемување на бројот на заболени и дали сте подготвени за новиот бран? Доколку повторно имаме во просек 200-250 заразени дневно, ќе препорачате ли нов карантин?

-Во моментов состојбата со епидемијата е стабилна. На тоа укажуваат неколку индикатори со кои практично се евалуира епидемијата. Тоа се пред сé, процентот на позитивни од тестирани, кој неколку последователни недели се движи меѓу 6 и 8%. Во сите болници кои хоспитализираат пациенти со ковид бројот е драстично намален и секаде има слободни болнички кревети.

Ова охрабрува, но од друга страна не смееме да се опуштаме. Ние повеќе од три месеци интензивно го подготвуваме здравствениот систем за есенските денови кога доаѓаат и сезонската инфлуенца и други респираторни болести. Системот е поставен на начин што ќе овозможи третман на пациенти сомнителни или со Ковид-19 без да се загрози редовниот програм на болниците. Дополнителни капацитети веќе имаме целосно функционални во Скопје – модуларните болници кај Инфективната болница, монтажна амбуланта кај Пулмологија. Во фаза на имплементација е проектот за поставување на 16 нови Ковид центри во 16 града ширум државата, така што во однос на капацитети целосно ќе бидеме подготвени.

Се зголемуваат дополнително и капацитетите за тестирање со нови лаборатории. Неодамна е формиран Центарот за епидемиолошко следење и управување со здравствени кризи, кој ќе има клучна улога во координација и управување на целосниот одговор со коронакризата и другите епидемии на едно повисоко стратешко ниво. Системот на ротации на кадри е поставен, се доекипираме со стручен медицински кадар од редовите на младите лекари и специјализанти. Еве 51 млад лекар од оние кои се стекнаа со лиценца во јули, влегуваат во системот, веќе се пријавени за вработување во инфективните одделенија и клиники за третман на пациенти со Ковид-19, а паралелно со тоа е обезбеден буџет за нивно ангажирање во здравствените установи. Новите лекари ќе бидат ангажирани со договор на дело со 30.000 денари месечно платена пракса.

Дополнително како што споменав интензивно работиме на обезбедување на вакцини за Ковид-19, а оваа година ќе имаме и 60 илјади вакцини против сезонски грип, двојно повеќе од тоа што сме имале претходните години. Протоколи и мерки за заштита се подготвени за речиси сите активности. Будно се следи секојдневно состојбата со Ковид-19. Подготвени сме за сите можни сценарија. Сметам дека сме добро организирани, подготовките за на есен напредуваат според предвидениот план и динамика.

Се разбира клучно е да се почитуваат сите мерки за заштита од страна на сите граѓани, да се почитуваат протоколите од страна на сите економски оператори и да се санкционира секое непочитување, кое придонесува за ширење на вирусот.

Во однос на евентуални рестрикции, доколку комисијата оцени дека ситуацијата во определен регион го налага тоа, не се исклучува можноста да се воведат во региони каде што има појава на поголем број пацинети или се потенцијален ризик. Овие рестрикции може да бидат враќање на полицискиот час, затворање на училишта, на одреден економски субјект, на угостителски објекти и забрана за собири, но за планот на рестрикции ќе се водиме според регионалниот пристап.

Месецов кој изминува се водат дебати за тоа како да се отворат училиштата и како училниците да не станат нови жаришта на заболени од Ковид. Во некои европски земји веќе имаше случаи каде десетици деца се заразија во училиштата. Кое е според вас најоптималното решение за стартување на учебната година? Сметате ли дека онлајн наставата е вистинско решение или физичкото присуство и почитување на пропишаните мерки?

-Во однос на почеток на учебната година и реализација на наставата со физичко присуство, дозволете уште еднаш да појаснам дека препораката која ја даде Комисијата за заразни болести е во контекст на максимална претпазливост и превенција од понатамошно ширење на епидемијата. Многу земји кои ги отворија училиштата се соочија со ширење на заразата во училиштата, по што беа принудени некои училишта повторно да се затворат.

Примери има многу и затоа ние избравме модел со кој претпазливо и постепено ги отвораме училиштата со цел да ги заштитиме децата, родителите, наставниците и јавното здравје.

Во октомври со физичко присуство ќе започне наставата само за децата од прво до трето одделение заради намалување на ризикот од ширење на коронавирусот. Комисија составена од претставници на Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и Владата ќе ја проценува состојбата и капацитетот на секое училиште одделно, и врз основа на тоа, како и на моменталната епидемиолошка слика во дадена општина, ќе дава одобрување за почеток на наставата и за повисоките одделенија.

Целта на физичкото присуство на наставата за деца само од прво до трето одделение не е само заради запазување на протоколите и заради бројката на деца кои физички присуствуваат на училиштата. Било која дополнителна бројка на деца без разлика на тоа дали може или не може да се почитуваат протоколите, практично е зголемување на ризикот.

Тоа е причина зошто во школите каде што има доволна бројка на деца од прво до трето одделение, па и со протоколите се делат во две смени, нема на почетокот на октомври да дозволиме дополнителна група на деца коишто ќе биде физички присутна во затворена просторија. Ќе има исклучок, таму каде што вкупната бројка не е така голема, а во рамки на капацитетот на училиштето и моменталната епидемиолошка слика во дадена општина тоа да се дозволи. Секојдневно ја следиме ситуацијата и врз основа на тие анализи, даваме препорака.

Земајќи го во предвид искуството на другите земји, вклучително и есенскиот период во кој вообичаено се соочуваме и со други инфекции, сметаме дека наставата за децата со физичко присуство треба и мора да се одвива под строго утврдени протоколи.

И во контекст на ова, пред почетокот на учебната година, Комисијата за заразни болести изготви протоколи за одржување настава со физичко присуство во основните и средните учулишта, како и алгоритам за постапување во случај на заболено лице или дете од ковид. Верувам дека и во овие исклучително комплексни услови, може да имаме успешна учебна година. Доследното почитување на мерките за заштита предвидени во протоколите го минимизираат ризикот по здравјето и ќе овозможат целосно безбеден наставен процес за сите.

Комисијата за заразни болести предлага враќање на работа на хронично болните, сепак пациентите со карцином и нивните семејства побараа преиспитување на одлуката бидејќи, како што велат тие, оваа група граѓани се ставаат во животозагрозувачка состојба. Како ја оправдувате оваа одлука?

-Нема простор за паника. И понатаму најризичните категории остануваат заштитени. Јас остварив и средба со здруженијата на пациенти на која се сложивме дека сепак станува збор за една широка категорија која треба да ја сведеме на поткатегории со цел да не се злоупотребува системот, односно оние кои навистина треба да се дома и се во ризик, да останат дома. Факт е дека имаше злоупотреби на мерката.

Со измена на правилникот за боледување во Фондот за здравствено осигурување ќе се дозволи лекарот специјалист да даде потврда за отсуство од работа на неопределено време или за одредено време, многу подолго, отколку што досега беше дозволено, без притоа да има контролни прегледи, праќање на комисии, дополнителни испитувања.

Хронично болните имаат рок до 23-ти септември да посетат специјалист и да добијат потврда со која поради нивната дијагноза и состојба нема да можат да се вратат на работа. За да можат да го реализираат тоа, ќе бидат пуштени дополнителни термини на Мој Термин и е-амбуланта. Доколку до 23 септември овие пациенти не стигнат да ги обезбедат потврдите, ќе се остави простор за пролонгирање.

Она што многумина ги интересира е дали медицинските лица, кои се на првата линија во борбата со болеста, ќе добијат достојни за својата работа плати и колку планирате да им ги зголемите во овој мандат?

-Дозволете да кажам дека ние, далеку пред епидемијата, практично уште на почетокот на мојот прв мандат зацртавме дека платите во здравството мора да растат. И тоа беше и останува наш врвен приоритет. Епидемијата само потврди дека здравството е еден од основните столбови на државата и дека квалификуван и мотивиран медицински кадар е еден од основните предуслови за квалитетно здравство. Досега направивме сериозни вложувања во човечкиот капитал на сите нивоа.

Денеска, на пример, платата на лекар специјалист е помеѓу 75 и 160 илјади денари, претходно беше помеѓу 60 и 70 илјади денари. Дежурствата претходно беа од 800, 1.200 до 2.500 денари, сега се помеѓу 3.500 и 10 илјади денари. Ваква инвестиција во примањата на лекарите немало никогаш во историјата на здравствениот систем во земјата. Загарантирано платено работно место во период од 6 месеци за секој еден млад лекар којшто ќе го заврши испитот во лекарската комора и ќе добие лиценца.

За 15% го зголемивме капитациониот бод на матичните лекари од општа пракса, гинекологија и стоматологија, дадовме повеќе од 5.000 согласности за вработувања во јавно-здравствените установи во земјава, над 1.000 специјализации и супспецијализации.

Со сите овие мерки, не само што ги зајакнавме професионалните капацитети на здравствените работници, туку овозможивме услови за нивна работа дома и можност тие својата иднина и кариера да ја гледаат во нашето јавно здравство. А тоа се покажа како вистински потег. Ковид кризата уште еднаш покажа колку е важно да имаме квалитетни медицински работници.

Во кризата, ние дополнително ги наградивме здравствените работници кои работат со ковид пациенти со 40% од плата. Но не застануваме тука. И во програмата на новата влада е предвидено платите на здравствените работници да растат, до крајот на новиот мандат до 40%.

Пред десетина дена на видео состанок со земјите од Западен Балкан е договорено да се изработи иницијален документ на взаемен протокол за границите. Докаде е таа иницијатива и дали според вас ќе мораме да ја чекаме вакцината за повторно да можеме слободно да патуваме, не само во рамките на Западен Балкан?

-На состанокот договоривме да се формира регионална работна група која тековно ќе ги следи состојбите на теренот и ќе ги носи потребните одлуки, врз основа на континуирана размена на информациите за епидемиолошката ситуација во земјите. Јас веќе остварив и лична средба со косовскиот колега, членовите на нашите земји во оваа работна група се веќе договорени, ги чекаме и другите земји да ги назначат своите членови. Тоа ќе ни помогне да имаме подобро согледување на епидемијата во секоја од земјите и врз основа на тоа ќе носиме заеднички одлуки, пред сé за начинот на поминување на границите за што одлука би требало да се донесе скоро.

Кои се најважните проекти на кои ќе се фокусирате во следниот период? Како планирате да ги зајакнете здравствените капацитети за да се доближи македонското здравство до европското? Ќе го видиме ли конечно „фамозниот“ клинички центар, кој граѓаните го чекаат со години?

-Мора да бидеме свесни дека пандемијата сè уште трае и од тука е сосем логично да кажам дека приоритет ни е борбата со ковид-19, подготовките на здравствениот систем за евентуалниот бран на есен, кога е можно, да се соочиме со зголемени бројки на ново заразени од причина што есента вообичаено е период на појава и на други респираторни вируси, инфлуенцата и сл. Овие пациенти ги окупираат истите одделенија каде се сместуваат пациентите со ковид. И ние интензивно работиме на подготовка на системот да одговориме и на овој предизвик. Освен монтажните болници кои веќе ги споменав и екипираност на медицинскиот кадар, во следниот период со 33 милиони евра од Светска банка ќе ги опремиме сите одделенија за интензивна нега со модерна опрема, кревети, респиратори, рентген машини и сите останати потребни апарати за врвна здравствена заштита.

Борбата со ковид секако е приоритет, но тоа не значи дека ние ќе ги запоставиме останатите проекти кои ги понудивме во изборната програма.
Кризата покажа колку е важно јавното здравство. И ние досега навистина направивме сериозен исчекор и драстични подобрувања во сите сегменти во здравството.

Во следните 4 години, предвидени се проекти на сите нивоа на здравствена заштита (примарна, секундарна и терциерна) и во сите сегменти од здравството – човечки капитал, инфраструктура и опрема, лекови и терапија, еден сеопфатен пристап кој ќе придонесе кон стабилен, модерен и фунционален систем на јавно здравство.

И натаму ќе инвестираме во човечкиот капитал. Досегашната инвестиција во платите на здравствените работници се покажа како најголема придобивка. Токму затоа, ќе продолжиме со вработувања во јавно-здравствените установи и ќе обезбедиме тројно повеќе специјализации. Веќе споменав, нови зголемувања на платите на здравствените работници до 40%. Сите лекари на специјализација со живеалиште надвор од Скопје кои го немаат решено станбеното прашање ќе добијат субвенција од 12.000 денари месечно. Ќе потпишеме Стратешки договор со Универзитетската болница од Франкфурт за едукација на млади лекари и сестри по принцип на ротација и ќе воведеме систем на континуирана едукација за медицински сестри со цел зголемување на нивните компетенции и знаења во соодветната област каде што работат итн.

Во однос на здравствената услуга за пациентите – целиме кон помалку бирократија, побрза здравствена услуга. Со целосно здравствено-информатичко поврзување, преку апликацијата „Здравје за сите“ комплетно ќе се избегне „шетањето“ на пациентот заради административни причини на релација матичен лекар-специјалист-матичен доктор аптека.

Планираме целосно електронско здравство, без користење на хартиени форми на документи. Ќе воведеме проект „Телемедицина“ каде патува информацијата, а не пациентот, со поврзување на Ургентниот центар во Скопје и трите Клинички болници во Штип, Битола и Тетово.
Ќе работиме на јакнење на регионалните центри и нешто што и досега го правевме на јакнење на соработката со здруженијата на пациентите и нивно вклучување во дефинирање на здравствените политики. Лековите на рецепт веќе се достапни во секој дел од месецот, во секое населено место,а дополнително ќе ја прошириме позитивната листа на лекови.

Планираме и низа инфраструктурни проекти, обнови и реконструкции и инвестиции во современа медицинска опрема. Сите болници и здравствени домови ќе ги направиме енергетски ефикасни, ќе ги реновираме најстарите одделениjа во болниците, ќе обезбедиме 70 нови возила за итна медицинска помош и редовна обнова на возниот парк секоја година до крајот на мандатот. Предвидени се реновирања на три вакцинални пункта, три нови пункта за итна медицинска помош на подрачјето на град Скопје итн. Неискористените болнички капацитети ќе ги пренамениме во домови за стари лица.

Направен е план за реновирање и обнова на амбулантите во градот Скопје. Веќе започнуваме со проектот и мислам дека ќе биде завршен за релативно краток период затоа што ќе биде по системот на модуларната болница кај Инфективната клиника. Планирана е нова амбуланта во населбите Лисиче, Аеродром. Ќе се замени старата во Карпош, во Ѓорче Петров, за првпат и во Кисела Вода. Здравствените станици во сите околни места околу Скопје. Сето тоа е нешто на што работиме, но секако дека дел од нив ќе имаат приоритет.

Охрид, Тетово и Струмица добиваат модерни регионални здравствени центри, а Скопје конечно ќе добие нов клинички центар.

Во новиот четиригодишен мандат ќе почне да се гради новиот Клинички центар. Со Ковид-19 се видоа недостатоците на поставеноста на клиниките, посебно во клиничкиот центар кои физички се оддалечени што претставува пречка за интегриран тип на здравствена услуга и брза размена на стручни лица.

Постапката практично започна. Ние ја прекинавме поради изборниот процес, корона кризата и сега треба да продолжи. Клиничкиот центар ќе биде во четири блока, а верувам дека првиот блок дефинитивно ќе биде завршен во следните четири години. Со тоа дел од сегашните клиники ќе се преселат, а приоритет ќе имаат хируршките клиники и операционите сали, и сè што е поврзано со хируршка интервенција. Како ќе се завршуваат следните блокови ќе се префрлуваат и другите клиники.

Проценката е дека новиот клинички центар ќе чини околу 450 милиони евра, нешто што сметам дека ќе биде и одлична финансиска инјекција и за целокупната економија. Веќе се започнати проектите, дел се и завршени во општината Ѓорче Петров за локалната инфраструктура, локален пат, струја, водовод итн. Така што, сметам дека ќе биде навистина значајна инвестиција генерално за нашата економија.

В.З.

Слични содржини