Откако Владата донесе мерки со кои се забранува гостување на пејачи и диџеи во сите угостителски објекти, се ограничува јачината на музиката до 55 децибели и се намалува бројот на лица кои може да седат на една маса од 12 на 4, од Независната угостителска комора (НУК) во првата реакција најавија дека доброволно ќе ги затворат објектите на две недели, а музичарите најавија протест.
На социјалните мрежи (7.10.2020) се најавува протест пред зградата на Владата од 14 до 17 часот, под мотото „Протестирам против уништувањето на ноќните клубови“. Од ноќните клубови се жалат дека поради пандемијата седум месеци се присилно затворени, без ниту еден работен ден, со нула денари помош од државата и дека протестираат за основното граѓанско право – правото на работа.
Mинистерот Венко Филипче, во емисија во ТВ24 испрати порака до естрадните уметници кои ќе протестираат поради новите рестриктивни мерки на Владата кои се однесуваат на угостителските објекти во кои музичарите повеќе нема да можат да настапуваат.
– Нека протестираат пред инфективна клиника, нека ги погледнат во очи семејствата на оние кои се борат за живот и на оние кои веќе заминаа, а се заразиле најверојатно на нивните настапи и свадби каде што настапувале, лесно е да излезеш на протест, тешко е да седнеш и да најдеш решение кое ќе биде добро за ситекажа Филипче.
Музичарот Петар Младеновски, попознат како Пеце Суперхикс, за утринската програма на ТВ 24 изјави дека нивната фела нема ист третман во оваа држава.
„Јас можеби ќе можам да го издржам сето ова и некако да испливам од оваа криза, меѓутоа имам многу колеги коишто буквално веќе немаат ни за леб. Ова е веќе осми месец откако настапите и концертите им се скратени. Значи, ако не си чест посетител на концерти, тогаш ангажирај стручно лице коешто би можело да ви помогне во носењето одлуки. Јас имам сознанија дека дел од протоколите и мерките се носат без претходна консултација со стручни лица, музичари и музиколози. Токму затоа имаме и смешни моменти како што е тоа со 55 децибели“, изјавил Младеновски.
Министерот повторно уптаи порка
Мерките и рестрикциите не се ничија желба или хир, мора да разбереме дека тие се единствените алатки кои ни се на располагање за да се заштитиме од коронавирусот, напиша вечерва на својот Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче откако денеска повторно беа регистрирани голем број новозаболени, 224 од 1.841 тест, што е тренд изминатава недела.
Високите бројки според Филипче, покажуваат дека влегуваме во очекуваниот есенски бран на вирусот, иако многумина не веруваа во најавите дека тој ќе се случи.
„Цела Европа во моментов се соочува со нова криза и во повеќе земји има силни рестрикции и нови мерки. Разбирам дека кај сите има голем замор од оваа состојба и дека буквално ви е преку глава од коронавирусот. Но, верувајте дека заморот е уште поголем кај здравствените работници. Тие седум месеци деноноќно работат да ја одржат состојбата под контрола. Целиот менаџмент и Комисијата за заразни болести даде сѐ од себе изминатиот период да подготви протоколи, да го реорганизира системот и да го дочекаме подготвени есенскиот период. Како министер нема да дозволам да се преоптовари здравствениот систем и да нема кревети за лечење. Нема да дозволам да клекнат на колена колегите од замор“, напиша Филипче.
Владата во неделата донесе нови рестриктивни мерки со кои се забрануваат пејачи и диџеи во кафулињата, а бројот на гости на една маса е ограничен на четири. За денеска музичари и угостители најави протест пред Владата бидејќи поради рестрикциите не можат да настапуваат во угостителските објети.
Филипче вели дека рестрикции и мерки се носат секогаш кога ќе се процени дека тоа е единствен начин да се заштити системот и јавното здравје.
„Мерките и рестрикциите не се ничија желба или хир. Едноставно мора да разбереме дека тие се единствените алатки кои ни се на располагање за да се заштитиме. Го разбирам целосно гневот на оние кои доследно ги почитуваат постоечките мерки кои се на сила од почетокот и со нив ефикасно се штитат. За жал, новите мерки кои ги носиме мора да се однесуваат за сите и едноставно не може парцијално да се применуваат само онаму каде има непочитување на основните три. Влада даде поголеми ингеренции на инспекциите и верувам дека надлежните ќе направат сѐ да ги санкционираат неодговорните граѓани. Сепак ниту инспекторите, ниту полицијата, ниту здравствените работници не може да се справат со несовесноста на некои граѓани и компании. Потребно е заедно да го надминеме следниот период преку почитување на мерките без исклучок“, напиша на фејсбук Филипче.
Од регистрираните вчерашни нови 225 позитивни на ковид-19 120 од Скопје, а починаа 8 лица.