Претседателот на српската Народна партија, Вук Јеремиќ, денеска изјави дека бугарското вето на патот на Северна Македонија кон ЕУ е „скандалозно“ и дека тоа може да има последици по европската интеграција на целиот регион и ја повика ЕУ да го поддржи јужниот сосед на Србија во тој процес.
„Северна Македонија, заради ветување за европска иднина, на инсистирање на Грција, се согласи да го смени дури и името на земјата, а сега Бугарија бара од неа да се понижува со тоа што ќе се согласи да тврди дека на неа треба да и се заблагодари за својот јазик и култура. Тоа е драматична порака што во голема мера може да ја релативизира европската мантра за добрососедски односи“, рече Јеремиќ на сесијата на Варшавскиот безбедносен форум „Стратешко ривалство? ЕУ, Русија и Кина на Западен Балкан“, што се одржа преку видео конференција.
„Сега противниците на европскиот пат на Србија би можеле да кажат „погледнете што им се случи на Македонците, кои го сменија името на државата поради Грција, а потоа ќе бидат пречекани со уште построго барање од Бугарија, па тоа ќе ни се случи и на нас ако попуштиме за Косово и Метохија за ЕУ“. Тие ќе ни дадат нови барања во врска со Босна и Херцеговина“, додаде Јеремиќ, како што објавија од прес-службата на Народната партија.