„Њујорк тајмс“: Израел одговорен за убиството на „таткото на иранската нуклеарна програма“

од Vladimir Zorba
536 прегледи

Израел е одговорен за денешниот атентат врз главниот ирански нуклеарен научник Мохсен Фахризадех, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на тројца неименувани разузнавачи.

Извештајот е објавен откако неколку ирански официјални лица го обвинија Израел за неговото убиство.

Весникот наведува дека не е јасно дали Вашингтон однапред знаел за нападот, но потсетува дека Израел и САД тесно соработуваат во нивните односи со Иран, пренесе агенцијата „Бета“.

Неименуван израелски официјален претставник денеска му соопшти на израелскиот јавен сервис „Кан“ дека „без Фахризадех, на Иран ќе му биде многу тешко да напредува во својата воена (нуклеарна) програма“.

Иако Иран го замрзна развојот на својата нуклеарна програма како дел од договорот со големите сили во 2015 година, Израел рече дека Фахризадех тајно продолжил да работи на тоа и дека тој е клучна личност во напорите на Иран да се вооружи со атомска бомба.

Атентатот на Фахризадех е последниот во низата атентати врз научници во Иран во последните неколку години, за што земјата го обвинува Израел.

Израелската телевизија објави дека денешниот напад бил многу покомплексен од кој било претходен ваков инцидент.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху еднаш рече за Фахризадех дека тој е татко на иранската нуклеарна програма.

Израел одби да го коментира убиството на тој научник, а ТВ Канал 12 оцени дека тој не бил само татко на иранската програма за нуклеарно оружје, туку и човекот кој решил да им ја достави бомбата на ајатоласите.

Тој исто така бил експерт за балистички ракети, се вели во извештајот.

Слични содржини