По повод големиот христијански празник, Св. Климент Охридски , со официјална честитка до граѓаните се обрати и лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Дозволете ми од мое лично име и од име на ВМРО-ДПМНЕ да го честитам големиот празник Св. Климент Охридски.
Радувај се Македонијо што го имаш Св. Климент, еден од најистакнатите ученици и следбеници на светите браќа Кирил и Методиј, просветител кој описменил и образувал илјадници луѓе, не само на територија на Македонија, туку и пошироко.
Со право го славиме Св. Климент чие духовното, книжевно и црковно наследство е значаен белег за нашиот народ и држава. Св. Климент не се штедел себе, и целиот свој живот го поминал помагајќи на другите, така денес е еден од најзначајните темели и на нашата света Македонска Православна Црква-Охридска Архиепископија.
Св. Климент е еден од неколкуте наши знаменити личности кои оставиле светски белег и е вграден дел од нашиот идентитет како народ и земја, истиот оној кој денешната власт како неразбрани трговци го тргуваат, преговараат, се откажуваат. Тие кои се одрекуваат од нашите великани, и го понижуваат нашиот народ се понижуваат себе си, го валкаат нашето цивилизациско право да се повикуваме на нашите темели и она што сме како народ и земја.
Деновите како денешниот се тука да не потсетат дека сме опстојале со векови и ќе опстоиме, допринесувајќи за светскиот развој и добробитта на народите ширум светот. Свети Климент Охридски беше продолжување на низата која носеше светлина и писменост, ние да бидеме тие кои ќе обезбедат почит на таа низа, но и сигурност и иднина на нашиот народ, Нека е честит и вековит денешниот празник, и Бог нека е со нас. За многу години!