Заев: Ѝ понудивме на Бугарија да го заштити нашето небо

од Nikola Popovski
134 прегледи

Премиерот на С. Македонија, Зоран Заев, денеска изјави дека на Бугарија и е понудено да биде втора земја на НАТО што ќе го контролира македонското небо, покрај Грција. На онлајн прес-конференција по повод 100 денa од владата, тој изјавила дека тоа е уште еден доказ дека С. Македонија нема територијални претензии кон Бугарија, за што обвинувањата честопати доаѓаат од таа соседна земја.

„Ние дополнително потврдивме дека немаме територијални претензии со тоа што ја избравме Бугарија да биде втора земја што, во согласност со критериумите на НАТО, ќе го заштити македонското небо”, рече премиерот на С. Македонија.

Заев додаде дека сме добиле понуда од Италија и на Турција за заштита на небото во рамките на НАТО, но дека „пријателски сме им објасниле дека Северна Македонија, покрај јужниот сосед на Грција, има уште еден сосед кој е член на Алијансата и кој ги исполнува условите за такво нешто.“

Мисијата на НАТО за заштита на небото над државите-членки позната како „Ер полисинг“ е дел од колективна одбрана на Алијансата, која ги штити интегритетот и суверенитетот на воздушниот простор на членките на воениот сојуз на кој наскоро ќе се приклучи и Македонија. Во однос на тоа колку чинат овие НАТО-операции и колку пари се издвојуваат од домашниот буџет за заштитата на небото над државата, во јавноста постоеја најразлични дилеми откако на 30 септември минатата година официјално Грција ја презеде должноста со свои борбени летала да го заштитува и да патролира на нашето небо.

Од македонското министерство за одбрана тогаш истакнаа дека мисијата „Ер полисинг“ е една од големите придобивки на НАТО-членството и истата таа се изведува без плаќање од страна на земјата-корисник.

– Оваа мисија е дел од принципот на колективна одбрана, кој е во центарот на основачкиот договор на НАТО – велат од министерството.

Грција, освен за контрола над македонското небо, е задолжена да го чува и небото над Албанија и Црна Гора, за што нема јавни информации за цената на чинење на овие мисии или истите тие се бесплатни.