Администрацијата на новиот американски претседател Џо Бајден планира повторно да воведе ограничувања за патување за повеќето жители кои не се државјани на САД и кои неодамна биле на територијата на Европската унија, Велика Британија, Ирска и Бразил, потврди Белата куќа.
Пред напуштањето на претседателската функција, Доналд Трамп ги укина ограничувањата за патување. Но, новото раководство на САД, покрај претходните ограничувања, ќе воведе дополнителни ограничувања за луѓето кои престојувале во Јужна Африка, каде што се појави нов вид коронавирус и предизвика загриженост кај научниците.
„Со влошувањето на пандемија и појава на позаразни верзии на вирусот ширум светот, не е време да се укинат ограничувањата на меѓународните патувања“, објави портпаролот на Белата куќа Џен Псаки минатата недела на Твитер.
„Според советот на нашиот здравствен тим, оваа администрација нема намера да ги укинува ограничувањата. Всушност, ние планираме да ги засилиме мерките поврзани со меѓународните патувања за да го ограничиме ширењето на коронавирусот“, додаде Псаки.