Во првите шест месеци по прележувањето на ковид 19, кај едно од осум лица за првпат се дијагностицира психијатриско или невролошко нарушување, како што се мозочен удар, акутно крварење во черепот или мозокот, деменција…
Анализата предводена од Макс Такет од Одделот за психијатрија на Универзитетот во Оксфорд открива дека на еден од осум пациенти постари од 19 години за првпат им е дијагностицирана психијатриска или невролошка болест во првите шест месеци по закрепнувањето.
Студијата, која допрва треба да подлежи на колегијална проверка, е една од низата докази дека психолошкиот стрес што доаѓа со ковид 19 не може да се игнорира.
Покрај тоа, резултатот бил уште полош (еден од три пациенти) кога истражувачите вклучиле пациенти со историја на психијатриски или невролошки заболувања.
Британски експерти користеа здравствени досиеја за да проценат 236.379 хоспитализирани и нехоспитализирани пациенти во Соединетите Држави, на кои им беше потврдено дека имаат дијагностициран ковид 19 и ги споредија со група на пациенти со дијагностициран грип и други респираторни заболувања помеѓу 20 јануари и 13 декември 2020 година.
Анализата, која ги зела предвид познатите фактори на ризик – возраст, пол, раса, постојни физички и ментални услови и социо-економски статус, открила дека инциденцата на невролошки и психијатриски заболувања по ковид 19 е 33,6 проценти. Од нив, 13 проценти немале историја на такви болести.
Болести кои ги погодуваат пост-ковид пациентите најчесто се мозочен удар, акутно крварење во черепот или мозокот, деменција и психијатриски нарушувања.
Најновата студија ги поддржува податоците од претходните истражувања кои покажаа дека кај едно од пет лица има дијагностицирано психијатриско нарушување во првите три месеци по прележувањето на ковид 19.