Министерство за култура: Усвоена Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески“

299 прегледи

Во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, 2021 година е посветена на великанот на македонската култура, со што нашата земја и официјално се приклучува кон одлуката на Генералното собрание на Обединетите нации оваа година да биде Година на мирот и довербата.

Имајќи предвид дека културата и образованието директно влијаат врз градењето на општествената перцепција за вистинските вредности во едно општество, Владата на Република Северна Македонија ја усвои Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески” која е дел и од календарот на важни меѓународни јубилеи на УНЕСКО.

Носител на Програмата за реализација на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, која ќе се одвива под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски , е Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија.

Програмата ќе се реализира во текот на целата година, со активности на повеќе институции, министерства, органи на државната управа, здруженија во земјава и во странство, а средствата се обезбедени од Министерството за култура, од Министерството за образование и наука и од Агенцијата за спорт и млади.

Покрај многубројните културно-образовни содржини, во рамките на јубилејот   е предвидено Народната банка на Северна Македонија да издаде златна кована монета со ликот на Блаже Конески, а Поштата на Северна Македонија ќе издаде поштенска марка со ликот на великанот на македонската култура, додека настаните ќе се реализираат под унифициран плакат и лого на манифестацијата.

Слични содржини