По Унгарија, која прва во Европската унија ја набави руска вакцина против коронавирус, Хрватска исто така одлучи да ја купи Спутник V и во следните неколку недели може да стигнат два милиони дози во Загреб, потврдено е за хрватски „Индекс“, од извор близок до тамошната влада.
Сè било договорено со Русија на дипломатски разговори, а сега сè уште има регулаторни фактори што треба да се исполнат за да се увезе руската вакцина. Деталите денеска со рускиот амбасадор во Хрватска ги договорил министерот за здравство, Вили Берош.
Според неофицијални информации од „Индекс“, Хрватска нема да чека руската вакцина да биде одобрена од Европската агенција за лекови, исто како што тоа не го стори ниту Унгарија.
Бидејќи Европската агенција не се очекува да ја одобри Спутник V пред април, хрватската агенција за лекови ќе го стори тоа што е можно поскоро, можеби до крајот на оваа недела, пренесува „Индекс“.
Унгарија е единствената земја од ЕУ која веќе вакцинира со руска вакцина против ковид-19, откако ја одобри минатиот месец.
„Не знам дали методот што го користи Унгарија е доволно безбеден. Тие прибегнаа кон привремена употреба на неодобрена вакцина, што значи дека постои можност за развој на одредени несакани ефекти. Постојат се повеќе докази дека е ефикасна, но треба да почекаме и да се утврди дали е безбедна. Би било оптимално ЕМА да одобри употреба. Рускиот амбасадор ми рече дека дозволата на ЕМА може да се очекува на почетокот на април, но тој ќе ме информира“, изјави министерот Берош.