Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 47-ма седница на Владата и одговараа на прашања на новинарите.
Во однос на неодамнешната средба на премиерот Зоран Заев со градоначалниците од општините Охрид, Струга и Дебрца, кои го опфаќаат Охридскиот Регион заштитен од УНЕСКО, портпаролот Арсовски информираше дека станува збор за усогласување на напорите централната и локалните власти за заедничка акција за отстранување на ризиците по заштитениот Охридски Регион и Охридското Езеро.
Тој наведе дека на средбата премиерот Заев им пренесе на градоначалниците дека претстојниот извештај на УНЕСКО треба да се прифати како силен аларм кој повикува на заедничка акција на Владата и надлежните ресорни министерства како централна власт и на општините Охрид, Струга и Дебрца.
„Премиерот Заев ја реафирмираше определбата на Владата, во координација со локалните самоуправи на трите општини за усогласено спроведување на Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот Регион со плановите за развој на општините, водејќи грижа на сите вклучени во процесот дека примарна важност имаат заштитата на културните и природните вредности на Охридското Езеро и на крајбрежјето опфатени со Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство. Заедничка констатација на средбата беше да продолжи координацијата меѓу Владата и општините Охрид, Струга и Дебрца на утврдените активности, како и на усогласување на легислативата за надлежностите кои ќе овозможат успех во спроведувањето на Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот Регион и на развојните планови на општините“, истакна Арсовски.