Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје објави соопштение во врска со вечерашниот силен земјотрес во Грција, почуствуван и кај нас.
Според нив, потресот се случил во 19:38 минути на 260 километри јужно од Скопје.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа во земјава одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при скопскиот Природно-математички факултет, вечерва во 19 часот и 38 минути регистрира земјотрес чиj епицентар се наоѓа 260 километри јужно од Скопје, во соседна Грција. Земјотресот бил со локална магнитуда од 5,9 степени според Рихтеровата скала“, соопштуваат оттаму.
Според досегашните податоци, истиот е почувствуван на целата територија на Македонија со интензитет од III-IV степени според Европската макросеизмичка скала.
Епицентарот на земјотресот бил близина на грчкиот град Лариса, јужно од Еласонас, каде што вчера беше регистриран потрес со јачина од 6 степени според Рихтер, кој предизвика материјални штети.