Забраната за движење започнува вечерва во 22, а ќе трае до 5 часот наутро.Владата вчера донесе одлука да се воведе полициски час кој ќе трае до 22 март на територија на целата држава.
По седницата, владата соопшти и кои се правилата и исклучоците од полицискиот час:
- За патниците кои доаѓаат или заминуваат кон аеродром – како дозвола за движење ќе се признаваат авионските карти. Истото важи и за другите патници во меѓународниот сообраќај;
- За транспортерите на лица и на стока кои транспортот го спроведуваат во полициски час – како дозвола ќе се прифаќа патниот налог;
- За транспортери кои транзитираат низ државата – обврска најмногу за 3 часа да ја напуштат земјата;
- За граѓани кои ќе имаат потреба од итна медицинска грижа – обврска да се најават на телефонскиот број 192 на МВР.
За сите останати, важат истите правила како и при полицискиот час минатата година. За вработените кои се на работа во време на полициски час, од Владата соопштија дека ќе важат старите дозволи издадени од фирмите и од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА)
„Со заклучок на оваа седница на Владата, МИОА е задолжено да објави соопштение со кое ги известува граѓаните и економските оператори дека се обновува важноста на веќе издадените дозволи издадени за време на претходните одлуки за забрана за движење. Министерството за информатичко општество и администрација ќе им ги преиздаде решенијата на оние кои во меѓувреме ги загубиле дозволите, како и на оние кои имаат дополнителни барања за дозволи за движење врз основа на доказ за неопходноста на тоа барање“, велат од Владата.
Законот за непочитување на полицискиот час
Непочитувањето на забраната за движење значи извршување на кривичното дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Тоа е регулирано со член 206 од Кривичниот законик. Во ставот 1, е пропишано дека секој што за време на епидемија не постапи според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзиното сузбивање или спречување, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.
Во ставот 2, пак, се вели дека ако делото го стори правно лице, пропишана е парична казна, која може да биде до милиони денари.