Пендаровски: Надлежните да ја следат епидемиолошката состојба, доколу има потреба да се надополнат мерките

од Берта Китинска
286 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски учествуваше на редовната седница на Главниот координативен кризен штаб на која беа разгледани најновите состојби во државата предизвикани од пандемијата и беа разменети информации и мислења за актуелните мерки за спречување и ширење на вирусот Ковид-19.

Ресорните министри и претставниците на надлежните институции информираа за тековните активности, за преземените мерки и за ефектите од нивната имплементација.

Претседателот Пендаровски посочи дека сите надлежни институции треба да продолжат со максимална посветеност и координирано да ја следат епидемиолошката состојба и доколу има потреба да се разгледаат можностите за надополнување на мерките.

Претседателот посебно потенцираше дека додека не се создадат услови за масовна имунизација на населението, граѓаните треба да продолжат со совесно и одговорно однесување и да ги почитуваат превентивните мерки за заштита од вирусот.