Белград викендов е центар за вакцинација за бизнисмени од регионот. 7.500 бизнисмени од Западен Балкан ќе бидат вакцинирани во Србија, и заедно ќе бидеме 7.500 пати посилни, изјавил Марко Чадеж, претседател на трговската комора на Србија и претседател на Управниот одбор на Форумот за инвестиции во Западен Балкан (КИФ ЗБ6).
Бизнисмени од Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Албанија и Црна Гора дошле денес во Белград и Ниш на организиран начин за вакцинација организирана од Српската стопанска комора, КИФ ЗБ6 и Владата на Србија.
„Седум и пол илјади луѓе од регионот ќе се вакцинираат денес и утре. Најмногу имаме бизнисмени од БиХ, С. Македонија, но и бизнисмени од Албанија. Целиот регион е денес во Белград “, потенцирал Чадеж.
Вакцинацијата на бизнисмени од регионот, посочува тој, во никој случај не го загрозува текот на вакцинацијата на српските граѓани, бидејќи државата обезбеди доволен број вакцини за секого. Тој исто така додава дека голем број бизнисмени од Косово поднеле барање за вакцинација.
Во Србија, 12 000 компании имаат деловна соработка со бизнисмени од економиите на Западен Балкан.
Заменик-градоначалникот на Белград, Горан Весиќ, од името на градот Белград ги поздравил сите бизнисмени кои дошле на вакцинација и истакнал како и другите, дека главниот град на Србија денес е центар на регионот.