Речиси секоја седма личност позитивна на ковид-19 чувствува симптоми и три месеци подоцна, покажуваат новите податоци на Обединетото Кралство.
Најголемото истражување на долготраен ковид од страна на британскиот Завод за национална статистика (ОНС) покажа дека луѓето со коронавирус пријавуваат здравствени проблеми многу почесто од општата популација, кои вклучуваат болка во мускулите и замор. Во примерок од повеќе од 20.000 луѓе кои имале позитивен тест на ковид-19 помеѓу април 2020 година и март оваа година, 13,7 отсто продолжиле да доживуваат симптоми најмалку 12 недели. Тоа било осум пати повеќе отколку во контролната група на луѓе за кои е малку веројатно дека имале ковид-19, наведува ОНС.
Од оние кои биле позитивни, една петина или 21 отсто сè уште имале симптоми на коронавирус пет недели по тестирањето. Жените имале поголема веројатност да пријават долготраен ковид од мажите, 14,7 отсто во споредба со 12,7 отсто, а тоа било најраспространето кај оние на возраст од 25 до 34 години. Во поголем примерок на луѓе со и без тестови на ковид, ОНС процени дека 1,1 милиони луѓе се соочиле со долготраен ковид во четири недели до 6 март.
Од таа бројка, околу 697.000 луѓе имале ковид за прв пат или мислеле дека се разболеле од оваа болест најмалку 12 недели порано, додека 70.000 првпат се соочиле со вирусот или мислеле дека се заразиле пред една година.
Се проценува дека долготрајниот ковид негативно влијае на секојдневните активности на 674.000 луѓе, додека 196.000 објавија дека строго ги ограничува во вршење на секојдневни активности. Од оние кои сами пријавиле долготраен ковид, најпогодени биле оние на возраст од 35 до 69 години, како и жените, луѓето што живеат во најсиромашните области, здравствените работници или социјалните работници и оние со коморбидитети.
Британскиот министер за здравство Мет Хенкок изјави дека е „многу загрижен“ за влијанието на долготрајниот ковид и дека британската влада вложува повеќе во решавање и разбирање на состојбата. Во февруари, директорот на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа на брифинг рече дека товарот на долготрајниот ковид е „реален и суштински“.