„Повторно лаги, манипулации и обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ за работи во кои и самите не веруваат. Тешко им е да ја прифатат новата реалност, дека Скопје се менува и чекор по чекор прераснува во модерен град, гордост за сите“, објави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Според него, на ВМРО-ДПМНЕ им е тешко да прифатат дека нема панорамско тркало, нешто за кое сакаа да потрошат 20 милиони евра.
„Тешко им е да прифатат дека се ослободува кејот кој самите дозволија да се узурпира. Тешко им е да прифатат дека побрзо се градат нови булевари, нов мост, дека побрзо се реконструираат улици и многу побрзо Скопје станува велоград. Повеќето од 100 км нови велосипедски патеки за нив се уште не постојат. Новите 33 еко автобуси за нив не постојат, постојат само старите кинески автобуси за коишто има истрага при нивната набавка, набавени без никаков сервис и можност да се одржуваат. За нив не постојат новите дрвореди по сите булевари, коишто во нивно време беа исечени. Не постои ниту обновата на зелените површни коишто во нивно време беа поплочени со бекатон. За нив не постои ниту Дрисла како градско претпријатие кое конечно е во служба на граѓаните. За нив не постои ниту новиот стационар „Лајка“, кој во нивно време беше полн со влага и вон сите нормални услови за згрижување на кучињата скитници. За нив не постојат ниту реконструкциите на сите средни училишта, новите еко фасади. За нив постојат само барокни фасади кои чинеа десетици милиони на товар на граѓаните, фасади коишто денес се распаѓаат и се уште една закана за безбедноста. За нив не постојат ниту новите зелени кровови и новите зелени скверови во Скопје, каде што самите скришно се фотографираат и уживаат“, вели Шилегов.
Тој нагласува дека најголемата опозициска партија се обидува да го спречи отстранувањето на „галиите„ во реката Вардар, за кои е веќе констатирано дека го подриваат системот за спречување од поплави.
„Отстранувањето на „статичките бродови“ во Вардар е нужно за зголемување на пропусната способност на регулираното корито, за да се спречи голема поплава како во 1962 година. Уште во февруари 2017, во студијата на Град Скопје „Отпорно Скопје“, се констатира дека е намалена „максималната проектирана пропусна способност на регулираното корито за околу 25-30%“. Во истата студија како главен виновник се посочуваат и „статичките бродови“ во Вардар. Таа студија му била позната и на Градоначалникот Коце Трајановски, кој бил должен да постапи и да ги отстрани галиите од коритото на Вардар, кои заедно со други објекти од т.н. „проект Скопје 2014“, значително ја намалуваат заштитата од поплави на градот Скопје.
За жал, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да го брани криминалното градење во коритото на реката Вардар и да го подрива системот за заштита од поплави на градот Скопје“, објави Шилегов на социјалните мрежи.
Градоначалникот на Скопје во текот на неговиот 4-годишен мандат нема ниту еден капитален проект за главниот град поради што мора да оди да слави патронати на училишта за да се пофали дека сработил нешто, соопштија денес од ВМРО-ДПМНЕ.
-Мрзливиот градоначалник Петре Шилегов по четири години мандат, бидејќи нема сработено буквално ништо, оди по патронати на училишта и се фали со сменети клупи и лед светилки во училниците. За четири години ниту почна, ниту направи барем еден круцијален капитален објект во градот.
За сметка на ова, мрзливиот градоначалник Петре Шилегов вети и излажа нов објект на средното угостителско училиште Лазар Танев и средното училиште гимназијата Кочо Рацин, а тамо по четири години мандат, Шилегов нема заковано шајка, а не пак да има нов објект – велат од ВМРО-ДПМНЕ.