Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) и Академијата на архитекти како дел од Асоцијацијата, преку соопштение информираат и потсетуваат дека просторот е необновлив ресурс со кој треба со него да се ракува внимателно и со почит.
Тие напоменуваат дека внимателно ги следат дискусиите во врска со парцелите спроти хотелот „Холидеј ИН“ во центарот на Скопје.
,,Деталните урбанистички планови, кои претставуваат акти од јавен интерес, треба да содржат креативни решенија, кои на жителите, корисниците и посетителите на просторот ќе им овозможат негово безбедно, квалитетно и комфорно користење и доколку не е така истите мораат да бидат коригирани. Во изминатиот период, ААМ го поддржа „мораториумот“ за градење на 33 Детални урбанистички планови во општина Центар, како единствен начин да се спречи спроведувањето на важечките планови кај кои се констатирани сериозни прекршувања и недоследности во однос на Генералниот урбанистички план и општите правила и параметри на урбанистичко планирање, додека не се донесат нови, а со цел да се загарантира и почитува едно од највисоките уставни права, а тоа е јавниот интерес. Но, напоменуваме дека „мораториумот“ има смисла ако е временски и и содржински строго и наменски ограничен”, напоменуваат од Асоцијацијата на архитекти.