Мерките кои беа донесени на пред две недели ќе продолжат да се применуваат до 27 април 2021 година, ова го одлучи Владата по препорака на Комисијата за заразни болести.
Исклучок за дел од овие мерки ќе биде дозволен за организирање, одржување и учество на секаков вид семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани во организација на Министерството за образование и наука за наставниот кадар, а се однесуваат на континуиран и непречен тек на образовниот процес во основното и средното образование по строго наменски протоколи.
-Исклучок се донесува и за организирање и одржување на пионерски, кадетски и младински спортски натпревари, како и професионални спортски натпревари, без присуство на публика и исклучиво во согласност со наменски одобрени протоколи и по претходно извршено ПЦР тестирање пред натпреварите организирано од страна на клубовите, се вели во соопштението.
Владата на оваа седница на предлог на Комисијата за заразни болести го одобри Протоколот за постапување при реализација на државните и меѓународните тестирања во основните и средните училишта.
Полицискиот час во земјава беше спроведен на 20 март кога започнуваше од 22-05 часот. По зголемувањето на нови случаи со ковид 19 и големиот притисок врз болниците од 6 април полицискиот час се скрати односно почна да се спроведува од 20-05 часот. Надлежните најавија дека доколку се стабилизира епидемиолошката состојба во земјава можно е олабавување на мерките.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 147.995, бројката на оздравени пациенти е 124.828, на починати е 4.509, а бројот на активни случаи изнесува 18.658.