Колку долго нè штитат вакцините против ковид?

од Stefanija Kuzmanovska
364 прегледи

Експертите сè уште не го знаат одговорот на прашањето колку долго нè штити вакцината против ковид 19 бидејќи тие сè уште ги проучуваат вакцинираните лица за да утврдат кога заштитата обезбедена од вакцината може да исчезне.

Ефективноста на вакцините против новите видови на коронавирус исто така ќе утврди дали, кога и колку често ќе бидат потребни дополнителни имунизации.

„Мораме да ја проучиме вакцинираната популација за да утврдиме кога луѓето повторно ќе станат подложни на вирусот“, рече Дебора Фулер, истражувач на вакцини на Државниот универзитет во Вашингтон.

Засега, тековните клинички истражувања на „Фајзер“ сугерираат дека вакцината на компанијата, која се дава во две дози, е многу ефикасна најмалку 6 месеци а веројатно и подолго. Луѓето кои примиле вакцина на „Модерна“, исто така, продолжиле да имаат забележителни нивоа на антитела шест месеци по втората доза.

Меѓутоа, антителата се само дел од приказната. Во борбата против вирусот, имунолошкиот систем има друга линија на одбрана – т.н. Б и Т-клетки – од кои некои може да опстојуваат долго откако ќе паднат нивоата на антителата. Ако наидат на ист вирус во иднина, тие клетки потенцијално можат побрзо да реагираат.

Дури и ако не ја спречуваат целосно болеста, тие можат да помогнат во ублажување на нејзините симптоми. Сепак, сè уште не е познато каква улога можат да играат овие клетки кога станува збор за коронавирусот – и колку долго.

Актуелните вакцини против ковид 19 веројатно ќе траат најмалку една година, но тешко дека ќе понудат доживотна заштита, како што се вакцините против сипаници, вели д-р Кетлин Неузил, експерт за вакцини на Универзитетот во Мериленд.

„Ќе биде некаде на средина од тој многу широк опсег“, истакнува Неузил.

Различните видови на коронавирус се исто така уште една причина зошто можеби ќе треба да примите дополнителна вакцина.

Постојните вакцини се ефикасни против специфичниот „спајк“ протеин кој коронавирусот го користи за да се закачи на клетките и да ги зарази, објаснува Мехул Сатар, од Центарот за вакцинација на Универзитетот Емори.

Ако вирусот мутира доволно со текот на времето, можеби ќе треба да се прилагодат вакцините за да се подобри нивната ефикасност, наведе „Гласот на Америка“.

Засега, вакцините се чини дека штитат од новите видови, иако нешто помалку кога станува збор за варијантата првично откриена во Јужна Африка.

Доколку се утврди дека е потребна уште една вакцина, единечната доза може да ја прошири заштитата која ја нудат постојните или да содржи имунизација за еден или повеќе видови.

Потребата да се добијат дополнителни вакцини делумно ќе зависи од успехот на кампањата за вакцинација низ целиот свет, намалувањето на преносот на вирусот и неговите нови варијанти.

Слични содржини