СЗО: Форматот на Олимписките игри во Токио зависи од короната

од Stefanija Kuzmanovska
334 прегледи

Светската здравствена организација (СЗО) верува дека Олимписките игри ќе се одржат ова лето во Јапонија и верува дека многу одлуки за нивниот формат можат да се донесат едвај во последен момент поради непредвидливите ризици од пандемија на коронавирус.

„Се надеваме дека Олимпијадата ќе се одржи“, рече директорот на програмата на СЗО за вонредни ситуации, Мајк Рајан, на прес-конференција, пренесува Ројтерс.

Тој истакна дека е охрабрувачки што процентот на позитивни случаи на Ковид-19 во Јапонија се стабилизира и дека властите презедоа многу систематски пристап во управувањето со овој ризик.

Додаде дека верува дека Токио ќе донесе такви одлуки при организирање на Игрите, што истовремено ќе ги ограничи социјалните контакти што би го ширеле вирусот.

„Некои одлуки, како што е бројот на гледачи, може да се донесат само непосредно пред отворањето на Игрите врз основа на бројот на нови случаи на Ковид-19, а познато е дека Јапонија веќе објави дека на гледачите од странство ќе им биде забрането присуство и дека целиот настан може да се одржи без публика“, додаде Рајан.

Јапонија денеска ја продолжи вонредната состојба во Токио и во неколку други префектури до крајот на мај за да се запре ненадејниот пораст на случаи со коронавирус, но премиерот Јошихиде Суга повтори дека се уште е можно да се одржат Олимписките игри во текот на летото, како што беше планирано од 23. јули, по минатогодишното одложување.

Слични содржини