Откако претседателот, Стево Пендаровски не го потпиша Законот за легализација на дивоградбите се отвори шанса за дискусии со јавноста, експертите и пратениците.
Пендаровски во врска со Законот за легализација на дивоградбите истакна дека ако пратениците повторно го изгласаат, немам избор освен да го потпишам Законот за легализација на дивоградбите.
„Законот за легализација на дивоградбите е во комплетна надлежност на политичките субјекти во парламентот, прво оние кои се во влада дали имаат волја тоа да го направат да го пуштат повторно во процедура.Според најавите на премиерот и министерот за транспорт и врски .Ако повторно дојде законот кај мене немам намера да не го почитувам Уставот и да изигрувам претседател кој има џебно вето па да не се произнесувам. Ако решат со истиот текст да го усвојат и добие 61 гласа нема избор ќе морам да го потпишам и нема да бидам задоволен“, рече Пендаровски.
А дека законот е далеку од добар или совршен призна и министерот за транспорт и врски, Благоја Бочварски.
„Законот, секако дека не идеален, има и слабости, има и добри страни со коишто ќе помогнеме, но ние сме овде и мораме да бараме решенија. Се останато е неприфатливо за државата да замижуваме пред проблемите и да ги ставаме под тепих или најлошо од се, да оставиме статус кво и проблемите да стојат, никој да не се грижи за тоа, а впрочем граѓаните не бирале за да бараме решение на проблемите“, рече Бочварски.
Тој како и премиерот Зоран Заев повторно лицитираше со бројката од 50 илјади домови кои треба да се легализираат без да објасни од каде е таа бројка бидејќи миниетсртвото за траснпорт нема регистер на дивоградби како и голем број на општините во државата.
Закон за легализација на дивоградби е многу лошо направен
„Самиот Закон за легализација на дивоградби е многу лошо направен од самиот аспект на правниот систем во државата и најмалку 4 принципи со самото усвојување на законот се повредени“, вели Вилдан Дрпљанин, правен експерт од Хелсиншкиот комитет, за емисијата „200“.
Тој смета дека социјално-загрозените семејств кои што имаат потреба, местото каде што живеат да биде легализирано, апсолутно треба да добијат законска заштита и нивниот статус да биде решен.
„Целта на овој закон е да се легализираат луксузни имоти, вили, хациенди и простори кои што навлегуваат во заштитени подрачја“, оценува Дрпљанин.
Јавна расправа
На оваа своја седница Владата ја отвори дебатата за утврдување насоки во врска со Предлог-законот за легализација на бесправно изградените градби кој е вратен во Собранието по одлуката на Претседателот на државата Пендаровски да не го потпише Указот за прогласување на Законот.
Во широката и темелна дебата беше истакнато дека согласно законските процедури за вакви ситуации, Владата ќе поттикне јавна расправа со засегнатите страни, како и консултации со пратеничките групи во Собранието и со претседателите на Парламентот и државата за да се дојде до најдобро законско решение.
Во таа насока ќе бидат отворени за доработка и најдобри решенија на предлозите кои се однесуваат на временскиот период со кој треба да биде опфатена легализацијата на дивоградбите, потоа реалната дистинкција меѓу објектите кои се за лично домување и оние кои се изградени како станбени згради за профит, како и прашањето за категорична и јасна законска одредба дека со легализација нема да бидат опфатени бесправно изградените објекти во заштитените подрачја, како и сите други укажани прашања на кои посочија јавноста и граѓаните.