ПОЖАР ВО ГРЦИЈА: Евакуирани стотици луѓе (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska
278 прегледи

Голем пожар што ја зафати областа западно од Атина денес уништи или оштети десетици куќи и принуди стотици луѓе да се евакуираат.

Во пожарот досега никој не е повреден, но густиот чад ја зафати Атина и другите делови на јужна Грција.

Огнот изгоре повеќе од 2.000 хектари шума, а чадот од пожарот можеше да се види низ цела јужна Грција, дури и од остров во Егејското Море.

Повеќе од 250 пожарникари се ангажирани во гаснење на пожарот, а нивниот фокус е спречување на ширење на пожарот до местото Мегара, каде живеат повеќе од 30.000 луѓе.

Пожарникарите го засилија фрлањето вода од авиони и хеликоптери вечерва со цел да го изгаснат пожарот, но надлежните наведуваат дека ноќта ќе биде тешка и дека опасноста не е мината.

За гаснење на пожарот беа ангажирани 17 авиони и три хеликоптери, но фрлањето вода ќе мора да се запре во текот на ноќта.

Пожарот избувна околу 70 километри западно од Атина, во близина на одморалиштето Лутраки.

Претходно денес, властите наредија евакуација на 18 населени места, во кои има многу викендици. Два православни манастири исто така беа евакуирани.

Пожарот ги уништи далноводите и доведе до прекин на електричната енергија во неколку области.