Ниту во Владата, ниту во владејачката партија СДСМ, ниту со премиерот Заев не е разговарано за промена на знаме, грб или химна на државата, велат од Кабинетот на Заев за „Локално“.
Ова доаѓа откако коалицискиот партнер во власта, Претседателот на ДУИ, Али Ахмети ги стави на маса темите за знамето и грбот на земјава.
„Во изјавата на г. Ахмети не забележавме дека тој изјави дека наводно било разговарано со премиерот Заев или со било кој друг претставник на политичките субјекти во власта. Сметаме дека државата треба да се фокусира со сите свои капацитети на политиките кои носат развој, економија и повеќе пари за граѓаните. Владата ќе продолжи на тој пат“, се додава во реакцијата.
„Се разговарало и за химната и за грбот и за знамето. Овие се прашања за кои е потребен консензус, но ова повеќе ќе зависи од договор помеѓу Македонците. Што се однесува на химната, се разговарало и нема којзнае какво противење и тоа е повеќе прашање на време и мислам дека може да се разговара без резерви“, изјавил лидерот на ДУИ, Али Ахмети во интервју за „Клан Македонија“.
Тој во интервјуто додал дека ако се отвори графа во Уставот и за Бугарите како што има за Турците, Србите итн, многу ќе се амортизира прашањето со Бугарија.