Премиерот Зоран Заев побара од ВМРО-ДПМНЕ да излезе и да каже дали е против сето ова, кога обвинуваат дека не се испорачани евро перспективите.
„Вие тоа не го помагате, зборувајќи за чиста Македонија, зборувајќи за Македонија на Македонците и слично. Кои се всушност вашите ставови, да го штитиме македонскиот јазик и македонскиот идентитет, или по која било цена да се договориме со Бугарија, за да може да станеме членка на ЕУ”, праша Заев од Собранието.
Претседателот на Владата, оцени дека „радикално националистички ориентации на поединци од ВМРО-ДПМНЕ”, биле пречка на нашата држава низ вековите, низ децениите и денес.
„Провокации е лесно да создавате со соседите, кавги може да направите кога сакате и со кого сакате. Прашање е дали може да постигнете договор и дали може низ дијалог да ги решавате проблемите. Европа денес функционира со 27 земји членки, низ дијалог, низ компромиси – со меѓусебно почитување ги изнаоѓаат решенијата”, додаде тој и посочи дека денес таков начин на однесување се препознава и во нашата држава.