Скопје граду мој: Шилегов е првиот официјален кандидат за градоначалник на метрополата, се чека ВМРО-ДПМНЕ

од desk4
238 прегледи

СДСМ и официјално истрча со кандидат за градоначалник на Скопје. Актуелниот градски татко Петре Шилегов на есенските локани избори по вторпат ќе ја бара довербата од Скопјани. За одлуката Шилегов да биде човекот кој ќе ја води битката за метрополата, лидерот на СДСМ Зоран Заев, рече дека пресудни биле спроведените анкети меѓу граѓаните.

-Поддршката на анкетите што ја има кај граѓаните во споредба со сите наши други кандидати, но и со оние на нашиот прв опонент ВМРО-ДПМНЕ, фаворит на овие локални избори е Шилегов. Се надеваме дека ќе го повториме по вторпат успехот што се случи во Скопје на минатите избори. Во 2017 год. Скопје уште во првиот круг за првпат избра градоначалник. Веруваме дека тоа може да се случи и на овие избори 2021 во октомври, токму актуелниот градоначалник да биде избран повторно уште во првиот круг. Доминантна е поддршката на сите граѓани, од сите етникуми во мултиетничко Скопје. Шилегов ја има, и кај македонскиот и кај албанскиот, бошњачкиот, турскиот , српскиот, ромскиот народ во нашата мултитеничка земја. За нас е многу значајно, што нашиот кандидат за Скопје во својот мандат вложил  внимание, време и ресурски рамноправно за сите граѓани. Затоа денес сме среќни што сите граѓани му ја даваат поддршката, рече Заев по синоќешниот Извршен одбор.

И актуелниот градоначалник Шилегов смета дека е вистинскиот кандидат за Скопје. Тој за одлуката на СДСМ и официјално да го кандидира за градоначалник на град Скопје,  на својот фб профил напиша:

„На седницата на Извршниот одбор на СДСМ која се одржа вчера и официјално беше потврдена мојата кандидатура за градоначалник на Скопје на претстојните избори. Упатувам огромна благодарност до мојата матична партија за довербата и поддршката. Скопје го заслужува најдоброто, продолжуваме заедно во нови победи“, напиша Шилегов.

Тој и претходно во меидумите најавуваше дека кандидатурата е оправдана бидејќи во негово време  се случиле  промени сериозно видливи на сите урбани полиња во главниот град.

-Не само инфраструктурата туку и малку поинаков третман на комуналниот отпад, поинаков третман на јавните површини, како и темелно и студиозно работење на најкомплексните работи. Четириесет години се зборувало за трамвај, а ние сме во завршна фаза на имплементација на Бас рапид транзитот или брзиот автобуски превоз. . Очекувам граѓаните сето ова што го работев изминативе години да го верификуваат на локалните избори, вели Шилегов.

Во јавноста се шпекулира дека противканидат на Шилегов, ќе биде поранешниот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Коце Трајановски. Од ВМРО-ДПМНЕ не ја потврдуваат ваквата вест. Кратко информираат дека партисктие анкети ќе бидат пресудни. Партискиот лидер Христијан Мицкоски неодамна најави дека до средината на овој месец, ќе бидат соопштени дел од кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните локални избори.

– Многу скоро ќе имаме тематска прес-конференција и ќе ја информираме јавноста за имињата на 15-та кандидати. Очекуваме на Извршен комитет на партијата, да потврдиме уште некое име, па може ќе бидат повеќе од 15. Се работи за комплетно нови имиња, познати за жителите на општините од кои доаѓаат и првпат се кандидираат за политичка функција. Едно од имињата што се мери на анкети е и Коце Трајановски, исклучително успешен градоначалник во минатото – рече Мицкоски.

И двете партии најавуваат коалиции со партиите од албанскиот политички блок.

И.Т.

Слични содржини